Скопскиот Кривичен суд му одреди домашен притвор на 25-годишниот скопјанец кој на 1 јули, возејќи мотоцикл „Кавасаки“ без возачка дозвола и регистарска табличка, прегази пешак на пешачката патека покрај Паркот на Франкофонијата, а потоа побегна од местото на несреќата. Обвинителството побара ефективен притвор и најави жалба на судската одлука.
Жртвата, 60-годишниот Југослав Николовски, излегол од својата зграда за да фрли отпад и бил погоден непосредно под прозорецот на својот стан. Од здобиените тешки повреди починал следното утро. Лесно бил повреден и сопатникот на мотоциклот.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против осомничениот за тешки дела против безбедноста во сообраќајот и за неукажување помош на повредено лице. Возачот, велат обвинителите, возел по пешачка патека, со несоодветна брзина и без основни документи, свесен дека така може да предизвика трагични последици. По ударот го напуштил моторот и пеш побегнал, оставајќи ги повредените без помош.
Обвинителството потенцира дека осомничениот бил недостапен за полицијата извесно време и веќе има кривична историја, па постои опасност од бегство и повторување на делото. Токму затоа бара мерка притвор, а не домашен притвор, и најавува дека ќе ја обжали одлуката на судот.