Дождот постепено ги надополнува хидроакумулациите во Струмичкиот регион

Врнежите што деновиве ја зафатија Струмичката котлина постепено го зголемуваат водостојот во локалните хидроакумулации, кои поради долгиот сушен период летово работеа по редуциран режим. За време на наводнителната сезона водата се пушташе по распоред – на секои три дена за различни атари – со цел рационално користење на ограничените количини.

Раководителот на Подружницата „Струмичко поле“ при АД „Водостопанство на Македонија“, Костадин Стојанов, изјави дека сè уште е рано за процени за поголем воден прилив, но моменталните и најавените врнежи внесуваат оптимизам дека есенва и во текот на зимата нивото на водата значително ќе се зголеми.

„Според вчерашните мерења, во најголемата акумулација ‘Турија’ има 11,5 милиони кубни метри вода од вкупни 50 милиони. Во ‘Водоча’ се евидентирани девет милиони кубни метри од вкупниот капацитет од 27 милиони“, информира Стојанов.

Тој додаде дека и помалите акумулации – „Новоселка“, „Чаушица“, „Иловица“ и „Маркова Река“ – брзо го зголемуваат нивото поради интензивните врнежи.

Акумулацијата „Турија“ е клучен воден ресурс за регионот, од кој Струмица и околните населени места годишно трошат меѓу пет и шест милиони кубни метри вода за пиење.

Зачлени се на нашиот е-билтен