Доктор Матиас Трбушиќ, познат кардиолог од Хрватска, кој е меѓу водечките експерти во областа на срцевата трансплантација, сподели драгоцени информации за развојот на трансплантацијата на органи, со посебен фокус на разликите помеѓу Хрватска и Северна Македонија. Трбушиќ, кој неодамна учествуваше во образовни програми за кардиолози во Северна Македонија, истакна дека Хрватска веќе долго време е лидер во областа на трансплантацијата на срце во Европа, што ја прави земјата пример за многу други европски нации.
Хрватска како лидер во трансплантацијата
Трансплантацијата на органи во Хрватска започнува сериозно во 1988 година со првата трансплантација на срце во поранешна Југославија. Оттогаш, значително се напредувало во подготовката на пациентите пред трансплантација, нивното управување и пост-трансплантациската нега. Клучен момент во успехот на Хрватска е зголемената стапка на преживување на пациентите, благодарение на новите лекови за имунопресија кои помагаат да се спречи одбивањето на органот. Со новите протоколи и напредни дијагностички алатки за рано откривање на одбивањето на органот, успешно се подобрени резултатите од трансплантацијата. Во Хрватска постојат два клинички болнички центри кои се вклучени во трансплантација на срце, што создава здрава конкуренција и постојан иновациски процес во областа. Ова ја поттикнува конкуренцијата за привлекување на пациенти од периферните болници, што ја подобрува и рекрутатацијата на пациенти и грижата за нив.
Трбушиќ нагласи дека Хрватска е една од водечките земји во Европа во однос на трансплантација на срце, а ова се должи на високиот степен на трансплантација по милион жители. Земјата редовно ги надминува многу поголеми и економски посилни земји во Европа. Во 2024 година, во Хрватска биле направени 40 срцеви трансплантации, вклучувајќи три трансплантации срце-бубрег и две срце-црн дроб трансплантации. Системот за трансплантација во Хрватска е широко признат како модел за најдобра пракса и често се цитира како пример на меѓународно ниво. За 2023 година, вкупниот број на трансплантации бил 47, во земја со околу 4 милиони жители.

-Хрватскиот модел е често споменуван како пример за најдобра пракса во оваа област, а успехот може да се припише на неколку клучни фактори. Прво, земјата има добро организирана национална мрежа за трансплантација, со јасни протоколи и силна координација меѓу болниците. Исто така, клучна улога играат координаторите за трансплантација, кои активно комуницираат со семејствата на потенцијалните донори. Јавната свест за донорството е висока, а поддршката од различни сфери, вклучувајќи ја и религијата и културата, создава поголема прифатливост на оваа важна тема. Членството на Хрватска во Eurotransplant овозможува побрза и поефикасна размена на органи меѓу земјите-членки, вели тој за Рацин.мк.
Трансформација на системот во Северна Македонија
Според докторот Трбушиќ, Северна Македонија направи значителен напредок во развојот на својот систем за трансплантација на органи, но предизвиците сѐ уште се присутни.
-Главната причина за ниските стапки на донорство е ограничената јавна свест и мал број на регистрирани донори. Потребно е повеќе инвестирање во специјализирани трансплантациски тимови, опрема и инфраструктура. Можностите за напредок лежат во поблиската соработка со искуствени трансплантациски центри, како што се оние во Хрватска и Словенија, како и прифаќање на најдобрите европски практики. Клучен фактор е формирање на добро структурирана национална координација за трансплантација, која ќе овозможи поефикасна набавка и дистрибуција на органите. За земја со популација од околу 1.85 милиони, пронаоѓањето соодветни и биокомпатибилни органи на време претставува предизвик, но централизираната координација може да го намали времето на исхемија, што ќе ја подобри успешноста на трансплантацијата. Заедничката работа меѓу медицинските професионалци и кардиолозите е важна за брзо препознавање и препраќање на пациенти за напредни третмани, вели доктор Трбушиќ.
Според него клучниот фактор за успешноста на трансплантацијата е добра национална координација, што вклучува централизирано управување со органите и помош во нивното брзо и безбедно транспортирање. Трбушиќ исто така напомена дека е потребно подобро ангажирање на кардиолозите за рано идентификување на пациенти кои имаат потреба од напредна терапија како LVAD и срцева трансплантација.
Клучни препораки за подобрување на системот
Од искуството на Хрватска, Трбушиќ препорачува неколку клучни чекори за подобрување на трансплантациските системи во земји како Северна Македонија. Првиот чекор е создавање на централизирана мрежа за комуникација и ефективно распределување на органите. Освен тоа, Трбушиќ нагласи дека медиумските кампањи и лични приказни од пациенти кои преживеале трансплантација може значително да помогнат во зголемување на јавната свест за важноста на донорството.
-Јавната свест за донорството на органи може да се зголеми преку едукативни кампањи, вклучување на религиските институции и поддршка од медиумите. Кампањите во медиумите, вклучувајќи телевизија, социјални мрежи и печатени медиуми, можат да пренесат точни информации и да ги отстранат митовите поврзани со донорството. Личните приказни на приматели на органи и семејства на донори може да ја хуманизираат оваа процедура. Клучна е улогата на здравствените работници, кои треба да ја едуцираат јавноста и да го претстават донорството како животоспасувачки чин., вели тој.

Тој исто така препорачува зголемена соработка со религиските заедници за да се надминат евентуалните етички прашања и заблуди околу трансплантацијата. Важен аспект е и транспарентноста во системот за доделување органи, која ќе создаде доверба кај јавноста.
Покрај тоа, потребни се инвестиции во инфраструктурата на здравствениот систем и обука на медицинскиот персонал за да се подобри квалитетот на нега и резултатите од трансплантацијата. Важно е да се обезбеди постојан развој и одржливост на системот, кој не треба да се потпира само на почетна ентузијазам, туку на добро планирани цели и ресурси за негов раст.
Трбушиќ смета дека Северна Македонија има капацитет да го подобри својот систем за трансплантација со континуирана поддршка од државата и соработка со земјите-членки на Eurotransplant. Клучно за успехот ќе биде зголемената јавна свест, инвестиции во здравствената инфраструктура и изградба на доверба во системот на трансплантација, со цел спасување на животи и обезбедување на подобри здравствени резултати за пациентите.
Соња Танеска