Попладнево во Крива Паланка беше приведен поранешниот сопственик на над 500 крави, откако со отпор се спротивставил на полициските службеници и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство кои дошле да ги одземат животните.
На социјалните мрежи се појави и видео, снимено од неговата ќерка, на кое се гледа моментот кога инспекторскиот тим се обидува да ја спроведе одлуката за одземање на кравите – стадо што со месеци предизвикувало штета на земјоделските површини на локалните жители. Во видеото се слуша како неговите ќерки викаат на помош додека полицијата интервенира за да го приведе нивниот татко.
По краток отпор, човекот бил обезбедeн и префрлен во полициската станица во Крива Паланка.
Од Основното јавно обвинителство Куманово потврдија дека е отворен предмет кој ќе се води по брза постапка. Случајот ќе биде разгледан утре, кога обвинителството ќе го добие официјалниот извештај од полицијата.
Инаку, минатата недела мештаните протестираа поради штетите што ги правеле кравите и поради, како што тврдат, закани од поранешниот сопственик и неговите ќерки по поднесените пријави.
Драматичната сцена од денешниот ден само го продлабочува долготрајниот конфликт кој веќе месеци ја вознемирува локалната заедница.

