Државна ревизија: сериозни пропусти во работењето на ФИТР, без систем за следење на ефектите од поддршката

Државен завод за ревизија утврди значајни слабости во финансиското работење и управувањето на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) за 2024 година, вклучително и отсуство на централизирана база на податоци за доделените средства и недоволни механизми за мерење на резултатите од поддржаните проекти.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека ФИТР немал воспоставено систематско следење на проектите по нивното завршување, ниту спроведувал сеопфатна деловна и финансиска анализа на ефектите од државната поддршка. На крајот на 2024 година, Фондот прикажал неподмирени обврски од 13,86 милиони евра.

ДЗР изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на основниот буџет на ФИТР за 2024 година, како и за усогласеноста со законската регулатива. За сметката на самофинансирачки активности, ревизорите дадоа мислење со резерва.

Ревизијата утврди и слабости во евидентирањето на обврските – дел од нив не биле навремено и целосно прикажани во сметководствените книги. Покрај прикажаните 13,86 милиони евра обврски кон добавувачи, дополнително биле идентификувани и неевидентирани обврски од околу 152 илјади евра, како и значајни разлики меѓу евиденцијата и пописот со состојба на 31 декември 2024 година.

Во однос на програмското планирање, ревизорите констатираат дека Годишната програма за работа за 2024 година, со исклучок на дел од мерките, не содржи јасни финансиски показатели по мерки и инструменти, што ја отежнува проценката на реалните потреби и пренесените обврски. Слични недостатоци се забележани и во Среднорочната програма за периодот 2025–2027 година.

Дополнително, Годишната сметка и извештаите од надворешна ревизија не биле усвоени од Управниот одбор и Владата, а не бил изготвен ниту Годишен извештај за доделената државна помош до Комисија за заштита на конкуренцијата.

Ревизијата укажува и на пропусти во јавните повици – дел од вработените и членовите на Управниот одбор не потпишале изјави за судир на интереси, а директорот не се изјаснил по овој основ. Забележани се и неправилности во регистарот на стручни лица за евалуација на проекти и во начинот на нивен избор.

Кај реализацијата на договорите, утврдено е доцнење во доставата и одобрувањето на кварталните и завршните извештаи, како и застој во мониторингот од декември 2024 до јуни 2025 година, што довело до задоцнети исплати и пролонгирање на проектите. Со состојба на 31 декември 2024 година, ФИТР имал неподмирени обврски кон корисниците од околу 5,7 милиони евра, делумно поради намалување на буџетската ставка за субвенции и трансфери за 32 проценти.

Анализата на сопственичката структура покажала дека исти лица се појавуваат како управители или сопственици во повеќе правни субјекти кои добиле средства, што, според ДЗР, носи ризик од концентрација на јавни средства, иако не постои експлицитна законска забрана.

Во примерок од десет завршени проекти, само три оствариле приходи, додека седум не генерирале приход. Од вкупно 1,68 милиони евра кофинансирање, над 1,29 милиони евра биле насочени кон проекти без остварен приход.

ДЗР препорачува воспоставување ефективни механизми за следење на резултатите, подобра наплата по завршување на проектите и зајакнување на контролите за поефикасно користење на јавните средства.

Со донесувањето на Законот за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво во јули 2025 година, формирана е Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво како правен наследник на ФИТР, со што Фондот официјално престанал да постои.

Зачлени се на нашиот е-билтен