Државни субвенции за ладење и греење: Рокови, услови и износ на помошта

Dinkun Chen, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons
Dinkun Chen, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Граѓаните од ранливите категории до 5 октомври можат да аплицираат за државни субвенции за набавка на инвертер клима-уреди, а до 30 август да поднесат барање за еднократна финансиска помош од 1.000 денари за покривање на дел од сметките за електрична енергија. Јавните огласи ги објави Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Услови за добивање субвенции за клима-уред
Право на аплицирање имаат домаќинствата чиј вкупен нето месечен доход во 2024 година не ги надминал следните граници:

  • 25.000 денари за едночлено домаќинство
  • 31.000 денари за домаќинство со два члена
  • 37.000 денари за домаќинство со три члена
  • 43.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена

Можат да аплицираат и пензионерски домаќинства, при што ланскиот вкупен нето месечен доход не смее да надмине:

  • 15.700 денари за едночлено домаќинство
  • 19.800 денари за домаќинство со два члена
  • 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена

Од мерката се исклучени домаќинствата кои во последните пет години добиле субвенција за клима-уред или печка на пелети, како и оние приклучени на систем за централно греење.

Начин на доделување
Субвенциите нема да се исплаќаат преку ваучери. Министерството ќе распише тендер за набавка на уредите, а потоа тие директно ќе им бидат распределени на корисниците.

Финансиска поддршка за сметки за струја
За еднократната помош од 1.000 денари можат да конкурираат домаќинства во кои живее лице со:

  • тешка или длабока интелектуална попреченост
  • најтешка телесна попреченост
  • целосна слепост
  • целосна глувост

Секое лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.

Контрола и услови
Министерството најави дека ќе врши мониторинг и контрола на спроведувањето на јавните огласи и има право да ја поништи одлуката за доделување помош доколку се утврдат неправилности или непочитување на условите од Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година.

Информации и документација
Сите потребни информации, обрасци и изјави се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, во делот „јавни огласи“.

Средства и изјава на премиерот
За мерката за набавка на инвертери се издвоени околу 170 милиони денари (2,76 милиони евра). Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека огласот трае 60 дена и опфаќа клима-уреди од класата А+ со моќност од 3,5 kW.

„Цениме дека на овој начин ќе придонесеме семејствата да имаат подобар комфор во својот дом, како во лето, така и во зима, и истовремено ќе помогнеме во заштита на животната средина и намалување на загадувањето, особено во грејната сезона“, рече Мицкоски.

Зачлени се на нашиот е-билтен