Државниот врв во земјава им го честиташе празникот Богојавление на православните верници.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изрази уверување дека осветувањето на водите ќе ни помогне, како што вели, да ги надраснеме малодушноста и летаргијата, и ќе нè инспирира на добродетелство и на грижа за блиските и за заедницата. Боженственото во себе, додава претседателката, може да се разбуди само со благост, внимание, солидарност и емпатија.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски порача дека Богојавление Водици носи силна порака за верата, храброста и за подготвеноста да се оди по исправниот пат, дури и кога тој е тежок. Богојавление, додава премиерот во честитката, е празник на откровението, прочистувањето и обновата – ден кога водата, како извор на живот, е потсетник на потребата од духовна и морална чистота. Денешниот ден, како што вели, е потсетник и за важноста на заедништвото.
Во име на Собранието на Република Северна Македонија и во негово лично име, и претседателот на Парламентот Африм гаши го честиташе празникот Богојавление Водици.
Овој празник ја носи пораката на духовно прочистување и надеж, потсетувајќи нѐ на значењето на заедништвото и посветеноста во градењето на напредна и праведна држава. На православните верници им посакувам овој ден да донесе внатрешен мир, а во нивните домови да владеат здравјето, благосостојбата и спокојот.