Државно здравство на хартија, приватно во реалност: Колку чини да не умреш додека чекаш ред

здравство
CC0 Public Domain, https://pxhere.com/

Македонското здравство формално е универзално и солидарно, уставно загарантирано. Секој осигуреник преку придонеси во Фонд за здравствено осигурување на Северна Македонија има право на здравствена заштита во јавните установи под капата на Министерство за здравство на Северна Македонија.

На хартија, системот нуди еднаквост. Во реалноста, листите на чекање и хроничниот недостиг од ресурси создадоа паралелен модел: кој може – плаќа приватно; кој не може – чека, се задолжува или се откажува.

Со серијата скандали на Онкологија, со непотребните кардиолошки хируршки и други интервенции, прашањето повеќе не е дали системот функционира, туку колку чини да не умреш додека чекаш ред.

Универзално право, селективен пристап

Според податоците од официјалните листи на чекање што ги објавуваат институциите, за дел од специјалистичките прегледи и дијагностички процедури термините се закажуваат со месеци однапред. Магнетни резонанци, компјутерски томографии, одредени кардиолошки и онколошки интервенции – во јавниот систем значат време. А во медицината, времето често значи прогресија на болеста.

Во таква поставеност, „универзалноста“ станува формална категорија. Пристапот е фактички условен од платежната способност. Приватниот сектор нуди термин „веднаш“ – но по цена што за многу семејства претставува половина или цела месечна плата. Така, здравствената заштита се претвора во пазарна услуга, а не во социјално право.

Извештаите на World Health Organization и Organisation for Economic Co-operation and Development со години предупредуваат дека високото учество на приватни плаќања „од џеб“ е индикатор за слаб јавен систем. Кога граѓаните плаќаат директно за услуги што формално им следуваат преку осигурување, тоа значи дека јавниот механизам не испорачува навремено и доволно.

Скандали како чадна завеса

Кризата на Онкологија во рамки на Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија ја отвори најболната точка на системот: довербата. Обвинувањата за злоупотреби, недостиг на терапија и управувачки хаос предизвикаа оправдан револт. Но фокусот на индивидуални одговорности – колку и да е неопходен – често ја засенува пошироката слика.

Слично, скандалот со непотребните кардиолошки и васкуларни интервенции, откри дека системската слабост е подлабока и, што е најзастрашувачко – се води од профит за сметка на здравјето на болните граѓани

Паралелно со големите скандали во здравството, останува хроничното недофинансирање, одлив на кадар кон приватниот сектор и странство, застарена опрема и менаџмент што реагира кризно, наместо стратешки.

Јавниот систем се празни од специјалисти, кои во приватните установи добиваат подобри услови и повисоки приходи. Паралелно, државата плаќа скапи договори со приватни болници за услуги што би требало да ги обезбедува самата. Така се создава затворен круг: слаб јавен систем – растечки приватен сектор без доволна контрола и мерки за контрола – уште послаб јавен систем.

Колку чини „итноста“?

За граѓанин со просечна плата, приватен кардиолошки преглед, магнетна резонанца или онколошка консултација може да значат сериозен финансиски удар. Цело мало богатство За хронично болните – тоа е повторувачки трошок. За сиромашните – тоа е невозможна мисија.

Во вакви услови, наместо еднаков пристап до здравствените улусги имаме здравствена тивка, но сурова здравствена дискриминација. Таа не се мери само со статистика на смртност, туку со бројот на луѓе што одложуваат преглед, ги прескокнуваат контролите или не ја започнуваат терапијата навреме.

Наместо жртвени јагниња – системски лек

Не е дека не треба да име апсења, кои не мора да бидат спектакуларни и најчесто обратнопропорционални на ефикасно завршените судски процеси. Многу попотребни се структурни решенија, намести дневнополитички обвинувања

Прво, целосна реформа и транспарентност на Мој термин и на листите на чекање: јавно достапни, ажурирани во реално време, со јасни критериуми за приоритет. Второ, објавување детални податоци за капацитетите – број на апарати, нивна искористеност, број на лекари по специјалност. Трето, сериозна анализа на финансирањето: дали буџетот за здравство е во согласност со реалните потреби и европските стандарди.

Без политичка волја да се инвестира во јавниот систем – не декларативно, туку суштински – паралелната терминална реалност на македонското здравстви ќе продолжи да расте. Или ќе продолжиме да гледаме здравство во две брзини: брзо и ефикасно за тие што можат да платат, бавно за тие што зависат исклучиво од државата над кои виси заканата од прогресирање на болеста.

На крајот, прашањето не е само медицинско, туку длабоко политичко и социјално: дали здравјето е право или привилегија? Додека одговорот во пракса зависи од дебелината на паричникот, државното, јавно, здравство, ќе остане – само на хартија.

Зачлени се на нашиот е-билтен