Во интервју за Рацин.мк, професорот по безбедност Никола Дујовски, по повод 4 април, Денот на НАТО, истакнува дека членството на Северна Македонија во 2020 година е од пресудно значење.
„Ние во безбедноста многу добро знаеме што значи да разговараме вака слободно и отворено. Тоа е резултат на нашето членство во НАТО и тоа е незаменливо. Нема друга сила која што може да ни го гарантира мирот, спокојството и развојот, колку што може НАТО. Не само во време на војна“, вели во интервјуто Дујовски.
Тој потсетува дека во време на короната, првата и најсилна поддршка ја добивме од НАТО, активирајќи ги механизмите.
„Јас се сеќавам, бидејќи по потекло сум од тој крај на Македонија, кога беа големите пожари во источна Македонија, доколку не беше романскиот голем авион за гаснење на пожари, ние немаше да се справиме. Тоа го овозможува НАТО“, посочува професорот по безбедност.
Тој вели дека нашето учество во НАТО е симболично и така треба и да биде во наредниот период.
„Ние сме мала држава. Нашето политичко значење е толкаво колку што е. Засега нема барање ние да учествуваме воено било каде, меѓутоа фактот дека доколку не бевме членки на НАТО, денес ќе бевме отворени на многу посилно влијание, на многу хибридни закани, на многу испреплетување на различни разузнавачки интереси во Македонија, коишто денеска се минимизирани“, појаснува Дујовски во интервјуто за Рацин.мк.
Дујовски посочува дека како и во многу други земји, така и во Македонија има малигни влиианија од трети страни, но дека сето тоа е под контрола благодарениа на НАТО.
„Не велиме дека ги нема. Ги има во сите држави, ги има и овде. Меѓутоа се контролираат, благодарение на илјадниците информации коишто се разменуваат со Алијансата на дневна основа. Нашата канцеларија во Брисел, нашето Министерство за одбрана, армијата, градат пристап којшто во наредните години ќе ни овозможи уште поголема безбедност и ми се чини дека само затоа што сме членка на НАТО, ние можеме да бидеме спокојни во однос на било кои случувања и во Русија, Украина и на Блискиот Исток“, нагласува во интерјуто за Рацин.мк Никола Дујовски, професор по безбедносни предмети на Факултетот за безбедност при УКЛО.
Целото интервју, во кое со професорот разговараме на тема предизвиците за иднината на НАТО, ќе го објавиме утре.