Освоените над 61 илјада гласови од кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, во вториот круг од локалните избори во Скопје, го потврдија растот на оваа партија и ја поставија како значаен опозициски фактор. Сепак, според политичките аналитичари, резултатот не треба да се толкува како автоматски показател за драматичен пораст на нејзиното влијание.
Политикологот Зорана Антовска вели дека иако партијата успеала да го задржи нивото од последните парламентарни избори, потребна е внимателна анализа на податоците.
„Бројот на освоени гласови не е апсолутен показател на сила, бидејќи дел од гласачите гласале против ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, а не нужно за Левица. Она што загрижува е изјавата на раководството кое ги повика гласачите на СДСМ да ги поддржат на следните избори – тоа може да предизвика отпор и кај симпатизерите на СДСМ и кај неопределените граѓани,“ изјави Антовска.
Од друга страна, Александар Кржаловски од МЦМС смета дека, и покрај напредокот, Левица е далеку од тоа да стане втора најсилна политичка опција.
„СДСМ сè уште има двојно повеќе гласови и советници. Левица успеа да ја раздвижи сцената и да стигне до финале во трката за Скопје, но не е реално да се смета како замена за СДСМ, барем засега,“ вели Кржаловски.
Тој потсетува дека и во минатото имало партии кои се обиделе да ги потиснат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но без траен успех. „Двете партии опстојуваат три децении, иако повеќепати биле на работ на распад. Така што не е лесно да се преземе тој простор,“ додава тој.
Аналитичарите се согласуваат дека Левица го задржува трендот на раст, но предупредуваат дека партијата мора да го промени стилот на комуникација и пристапот кон неопределените гласачи доколку сака да го прошири своето влијание.
На овие локални избори Левица освои 64 советнички места низ земјата, но ниедно градоначалничко место — што покажува дека нејзиниот политички потенцијал расте, но сè уште не е доволен за структурна промена во опозицискиот блок.
				
				
															