Дурмиши: Ќе разгледаме кои дејности би можеле да работат во недела

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, смета дека „недела неработен ден“ не треба да се укине, но одредени дејности може да бидат ослободени за да функционираат и во недела.

Во интервју за Радио Слободна Европа, Дурмиши истакна дека темата се разгледува во рамки на Економско-социјалниот совет, каде има спротивставени ставови меѓу синдикатите и работодавачите.

„Работодавачите бараат укинување на мерката, додека синдикатите инсистираат да остане како што е. Одредени комори и занаетчии бараат изземање на специфични дејности. Ќе разгледаме кои дејности би можеле да работат во недела без да ја нарушиме суштината на мерката,“ вели Дурмиши.

Тој додаде дека Владата ќе продолжи да работи на прилагодувања што ќе одговараат на потребите на сите засегнати страни.

Министерот го коментираше и влијанието на акцијата „Новогодишна кошничка“, истакнувајќи дека досега се опфатени над 1.000 производи.

„Оваа акција е за подобрување на животниот стандард и намалување на цените за време на празниците. Слични мерки ќе има и за Рамазан и Велигден,“ најави тој.

Во однос на минималната плата, Дурмиши посочи дека нејзиното зголемување е отворено прашање во Економско-социјалниот совет. Владата, според него, е подготвена да го поддржи договорот меѓу синдикатите и работодавачите.

„Во буџетот за 2025 година се предвидени средства за зголемување на минималната плата, која според анализите би изнесувала околу 24.400 денари,“ изјави министерот.

Во однос на препораките за зголемување на старосната граница за пензионирање, Дурмиши потврди дека Владата нема таква намера, но дека се прават анализи за реформа на пензискиот систем.

„Ставот на премиерот е дека зголемување на старосната граница не е предвидено, но пензискиот систем се анализира за подобрување на неговата одржливост,“ додаде тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен