Возилото што вчера попладне излета од локалниот пат кај скопско Рашче, според првичните информации, превезувало роднини од селото Грчец.
Во несреќата учествувале четири лица. Тројца од нив, сите жени, загинаа и нивните тела се извлечени од реката. Едно лице сè уште се води за исчезнато, додека четиригодишно дете, кое патувало во автомобилот, е пронајдено повредено надвор од возилото и пренесено на Клиничкиот центар.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје работи на утврдување на причините за трагедијата. Извршен е увид на местото на несреќата, собрани се траги и докази, а наредено е вештачење на возилото. Јавниот обвинител побара обдукција на загинатите лица, како и испрашување на очевидци и блиски на семејството.
„Со автомобилот од Вардар беа извадени три починати женски лица. Едно лице сè уште се бара, а детето е пронајдено надвор од возилото и пренесено во болница,“ се вели во соопштението од ОЈО.
Околу 21 часот, полициски службеници од САЕ „Тигар“ го извлекле од водите на реката Вардар автомобилот „Ауди“ со скопски регистарски таблички. Во возилото биле пронајдени телата на три починати жени: Н.А. (23), В.А. (25) и З.А. (59), сите од селото Грчец, скопско.
Лекар од Итната медицинска помош ја констатирал нивната смрт, а по наредба на јавен обвинител, телата се дадени на обдукција.
Во несреќата повреди здобило четиригодишно дете кое било сопатник во возилото. Повредите му се констатирани во Градската општа болница „8-ми Септември“. Во меѓувреме, се трага по А.А. (56) од истото село, кој според исказите на роднините, бил во автомобилот пред излетувањето од патот.
Пребарувањето се врши со физички тимови и два дрона, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според Обвинителството, возилото го управувала една од починатите. Министерството за внатрешни работи (МВР), пак, врз основа на исказите на роднините, соопшти дека автомобилот го возел лицето кое се води за исчезнато. Потрагата по ова лице продолжува.
Полицијата и обвинителството ги истражуваат сите околности поврзани со несреќата.