Изградбата на депонијата за регионално управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион ќе чини 40 отсто повеќе заради пролонгирањето на роковите и доцнењето на третата фаза од реализацијата на проектот. Ова го покажува најновата анализа на Државниот завод за ревизија, посветена на спроведувањето на јавните инвестиции кои треба да придонесат за долгорочно одржлив регионален развој.
Според ДЗР, во третата фаза од проектот кој вклучува изградба на регионалната депонија и трансфер станиците, државата ќе треба да учествува со 65 отсто од средствата, а европските фондови со 35 отсто, наместо првично предвидените 85 од ЕУ и 15 отсто од буџетот. Инаку, вкупната цена на центарот за третман на отпад изнесува 48,4 милиони евра, но во тие средства се вклучени и првите две фази од проектот, односно набавка на инфрструктура и затворање на дивите депонии. Втората фаза е сè уште во тек, а за третата е отворен тендер, чиј рок беше пролонгиран.
Дополнително, ревизијата утврдува дека доколку не се обезбеди навремено завршување на третата фаза до 2026 година, постои ризик од целосно губење на доделените средствата од ЕУ.
„Процесот е започнат со подготовка на техничка документација во рамки на ИПА I, додека неговата реализација е планирана преку ИПА II. И покрај подготвителните активности, реализацијата на третата фаза за изградба на регионална депонија и трансфер станици се одвива со значително доцнење, што доведува до фискален ризик од губење на доделените грант средства од ЕУ. Дополнително, како резултат на пролонгирањето на роковите и зголемените трошоци, буџетот на проектот е зголемен за 40 отсто“, стои во анализата на ДЗР.
Проектот за регионално управување со отпад, кој опфаќа пет плански региони и 45 општини, е проценет на 95,7 милиони евра. За нив, со средства од ИПА се изработени физибилити студии во вредност од 3,6 милиони евра, но нивните резултати се неприменливи бидејќи отпосле беа споени по два региони. За новото техничко решение нема нова анализа за исплатливоста, а недостасува и објективна евалуација на очекуваните резултати, што претставува ризик за објективноста на проценките за проектот. Дополнително, ДЗР утврдил дека не се доставени и докази за одобрување на проектот од страна на општинските совети.
„Студијата за Управување со цврст отпад во четирите региони Вардарски, Пелагониски, Југозападен и Југоисточен регион, потврди дека предложените решенија се амбициозни, но нивната финансиска одржливост е доведена во прашање поради високите трошоци. Од тие причини се предлага првично да се инвестира само во основната инфраструктура и опрема, а во подоцнежна фаза во пософистицирани технологии за третман. Новите анализи, пак, предлагаат рационализација преку спојување на Вардарскиот со Југоисточниот и Пелагонискиот со Југозападниот регион, но без целосна економска анализа на еколошките и социјалните придобивки, па нема реална проценка на исплатливоста на проектот“, се вели во анализата.
Заводот за ревизија во извештајот посочува дека Скопскиот плански регион, иако најмал по површина, а најголем по број на жители, има изработена Физибилити студија и cost benefit анализа, сепак не е вклучен во проектите за регионален систем за управување со отпад, иако постои можност за остварување на најголеми ефекти.
Што се однесува до вкупниот број на јавни инвестиции наменети за рамномерен регионален развој, Државниот завод за ревизија констатирал дека преземените мерки и активности за распределба на средствата во износ од најмалку од 1 отсто од БДП од Буџетот на годишно ниво не се постигнати, изборот на проекти не е ефективен со цел финансирање на проекти за јавни инвестиции за потребите на граѓаните со ефект врз регионалниот развој, а исто така не е воспоставен и ефикасен мониторинг и отсуствува систем за оценка на одржливост на проектите пред да се одобрат и после завршување.
„За 2023 година според податоците добиени од Министерство за финансии распределените средства за регионален развој изнесуваат 2,91 отсто од БДП, додека според СиРеРа системот изнесуваат 0,74 отсто од БДП. Од овие средства само 5 до 10 отсто се алоцирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, а остатокот се распределени преку програми на други министерства за кои поради отсуство на подзаконски акт предвиден во законот не може да се утврди ефектот врз регионалниот развој“, констатира извештајот.