Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Ефекти од јавни инвестиции во рамномерен регионален развој“, со цел да утврди дали јавните инвестиции се ефикасно и ефективно планирани и спроведени, и дали придонесуваат за долгорочно одржлив регионален развој.
Со ревизијата беше опфатен периодот од 2021 до 2023 година, при што беа анализирани јавните инвестиции за рамномерен регионален развој за кои од Буџетот се алоцирани или одобрени средства за финансирање на проекти на општините и планските регионите, вклучувајќи податоци и активности спроведени до денот на изготвување на извештајот.
Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија и врз основа на прибрани ревизорски докази, стекнато е разумно уверување дека преземените мерки и активности за распределба на средства за рамномерен регионален развој во износ од најмалку од 1% од БДП од Буџетот на годишно ниво не се постигнати, изборот на проекти не е ефективен со цел финансирање на проекти за јавни инвестиции за потребите на граѓаните со ефект врз регионалниот развој, а исто така не е воспоставен и ефикасен мониторинг и отсуствува систем за оценка на одржливост на проектите пред да се одобрат и после завршување.
Системот СиРеРа (Систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторингот и евалуацијата на политиката за рамномерен регионален развој) не е интегриран со трезорскиот систем што доведува до неусогласеност на информациите за алоцирани средства за рамномерен регионален развој.
За 2023 година според податоците добиени од Министерство за финансии распределените средства за регионален развој изнесуваат 2,91% од БДП, додека според СиРеРа системот изнесуваат 0,74% од БДП. Од овие средства само 5% до 10% се алоцирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, а остатокот се распределени преку програми на други министерства за кои поради отсуство на подзаконски акт предвиден во законот не може да се утврди ефектот врз регионалниот развој.
Како средства наменети за рамномерен регионален развој, не се земени предвид јавните инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта за изградба на регионални патишта, експресни и автопати со регионално значење. Овие капитални проекти директно се поврзани со приоритетот 1.3 од Стратегијата за рамномерен регионален развој и претставуваат значаен финансиски ангажман. Во 2023 година, овие инвестиции изнесувале 23.901.217 илјади денари, односно околу 388 милиони евра.
Постојниот системот за распределба на средства уреден со Законот за рамномерен регионален развој не обезбедува ефикасен процес за селекција на проекти. Средствата се доделуваат само според степенот на развиеност на планскиот регионот, без јасно дефинирани приоритети и критериуми за оценка на проектите и недоволно обезбедени средства за финансирање на проекти.
Со извршената ревизија констатирано е дека нема систем за мерење и признавање на регионални проекти усогласен со добрата пракса на ЕУ и нема јасни критериуми за одредување на тоа дали една инвестиција спаѓа во категорија проекти со регионално влијание или проекти за локален развој.
Целиот ревизорски извештај може да го прочитате на следниот ЛИНК.