Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за хематологија на сметката за средства од Фондот (737) за 2023 година изразува неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година.
-Извршена е ревизија на финансиските извештаи и за усогласеноста со законите и прописите за 2017 година и изразено е мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, соопшти денеска ДЗР.
Со ревизијата, како што е посочуваат од ДЗР, било опфатено и спроведувањето на препораките дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2017 година, при што било утврдено дека од дадените пет препораки, три се спроведени, една е делумно спроведена и една препорака не е спроведена.
-Со извршената ревизија на финансиските извештаи на Клиниката за 2023 година утврдено е дека примените и потрошените лекови за ретки болести и лекови од донација не се евидентирани во сметководствената евиденција; во дел од спроведените постапки за јавни набавки констатиравме несоодветна примена на Законот за јавните набавки и – не хронолошко плаќање на преземените обврски, велат од ДЗР.
Во насока на надминување на утврдените состојби ревизизорите дале препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.
Во делот на Останати прашања ревизизорите известуваат за Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење и Централниот систем за регистрација на работното време при Министерството, кои не се воспоставени во целост.
-Во делот пак на Недостатоци во внатрешни контроли е известено за слабости во контролите во дел од работните процеси во Клиниката. Од страна на поранешните раководни лица на Клиниката доставена е една забелешка, која претставува образложение за причините за утврдените состојби во Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор, информираат од ДЗР.