Во близина на селото Бусилци, кај Чашка, на 5 ноември беше убиен велешанецот Ѓело Ѓошев. Според првичните резултати од истрагата, осомничениот го намамил Ѓошев и со автомобил го однел до земјениот пат во месноста Поројница, каде, заедно со друго лице кое сè уште не е идентификувано, пукале во него со огнено оружје.
Ѓошев бил смртно погоден во главата и починал на местото на настанот.
Основното јавно обвинителство во Велес соопшти дека доказите укажуваат на јасна намера за ликвидација и обид на сторителите да ги прикријат трагите по извршеното убиство.
„Осомничениот бил соизвршител и презел конкретни дејства за да ја сокрие својата вмешаност и да влијае врз текот на постапката,“ наведуваат од обвинителството.
Поради тежината на делото, неговото претходно криминално минато и опасноста од бегство, јавниот обвинител побара мерка притвор.
Полицијата, по наредба на обвинителството, продолжува со интензивна потрага по вториот соучесник и работи на утврдување на мотивите за убиството.

