Единаесет повредени од пожарот во Кочани се уште на лекување во странство, започна и домашна рехабилитација

Вкупно 11 пациенти повредени во трагичниот пожар во кочанската дискотека се наоѓаат на лекување во странство, информираше денеска заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.

Според неговите податоци, тројца пациенти се хоспитализирани во Грција и се во добра, стабилна состојба. Во Србија се лекуваат четворица, исто така во стабилна состојба. Еден пациент се наоѓа во Австрија, сместен на болничко одделение, додека во Словенија е еден пациент кој веќе започнал рехабилитација. Во Турција се двајца пациенти, кои се редовно згрижени со медицинска нега и преврски.

Андовски посочи дека, паралелно со лекувањето во странство, започнати се и активности за рехабилитација во земјава. Тим од експерти од Обединетото Кралство спроведе обуки за 45 здравствени работници во пет јавни здравствени установи – меѓу кои Клиниката за пластична хирургија, ГОБ „8 Септември“, како и болниците во Штип и Кочани.

„По препорака на британските експерти, рехабилитацијата ќе се спроведува во Кочани, со цел пациентите да бидат поблиску до своите домови и семејства“, изјави Андовски.

Овие напори се дел од поширокиот план за долгорочна нега и опоравување на преживеаните од една од најтрагичните несреќи во поновата историја на земјава.

Зачлени се на нашиот е-билтен