63 причини Македонија никогаш да не го заборави 16 март

Кочани
Фотографија од Фејсбук страницата Здружение на граѓани 16ти Март 2025

На 16 март 2025 година, во 2:35 часот по полноќ, пожар го проголта ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани и ја прекина младоста на 63 луѓе. Трагедијата се случи за време на концерт. Песната запре. Искрите од пиротехнички ефекти го запалија таванот, а огнот и густ чад за неколку минути го претворија преполниот објект во смртоносна стапица.

Македонија се разбуди со ужасни вести и фотографии. За неполни два часа, и покрај заложбите на пожарникарските единици. Бројките за мртвите пристигнуваа се редеа од час во час… Во пожарот и од последиоците подоцна, загинаа 63 лица, а речиси двесте беа повредени – најмногу млади луѓе, некои од нив едвај полнолетни.

Една година подоцна, Македонија не се сеќава само на трагедијата. Се сеќава на имињата, на лицата, на соништата што никогаш нема да се остварат.

Тишината во домовите на родителите

Најголемата тежина од трагедијата ја носат семејствата на загинатите. За родителите, времето од таа ноќ престана да се движи. Во нивните домови останаа детските соби, подготвените кревети за да си легнат децата кога ќе се вратат, фотографиите на ѕидовите и предметите што сведочат за живот што требало да продолжи наредниот ден…

Ниту една година нема да може да ја намали празнината. За родителите, секој нов ден е продолжение на болката – болка која нема рок на траење. Секој 16 март е ден кога Македонија се сеќава и ќе се сеќава, но за нив, за родителите, за браќата и сестрите, тоа е ден што никогаш не завршил.

Загуба што ја погоди целата држава

Ова не е само трагедија на 63 семејства. Ова е загуба за целото општество. Меѓу загинатите имаше ученици, студенти, млади работници – генерација што требаше да ја гради иднината на земјата.

Пожарот во Кочани се смета за најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија и една од најголемите трагедии во Европа во последната деценија.

Со нивното заминување, државата изгуби дел од својата иднина – енергија, талент и надеж што никогаш нема да се вратат.

Трагедија што ги оголи слабостите на системот

Но трагедијата во Кочани не беше само несреќа. Истрагите открија сериозни пропусти: објектот работел без валидна лиценца, бил преполн со посетители и не ги исполнувал основните безбедносни стандарди. Во него немало доволно излези, системи за заштита од пожар или соодветна опрема.

Во истрагата беа опфатени десетици лица, меѓу кои и службеници кои потпишувале или одобрувале документи за работа на клубот, што отвори сериозни сомнежи за системска корупција и институционални пропусти.

Кочани покажа нешто што општеството одамна го знае, но ретко го признава: корупцијата не е апстрактен проблем. Понекогаш таа има цена што се мери во човечки животи. Кочани докажа.

Правда како минимум што им го должиме

Една година подоцна, прашањето што останува да виси над трагедијата е – дали ќе има правда.

За родителите и семејствата на загинатите, правдата не може да ги врати нивните деца. Но може да донесе барем чувство дека нивната смрт не била залудна и дека државата научила лекција што никогаш повеќе не смее да се повтори.

Одговорноста – индивидуална, институционална и системска – е единствениот начин трагедијата во Кочани да добие смисла како опомена.

Сеќавањето како должност

На 16 март Македонија не брои само жртви. Таа се сеќава на 63 прекинати животи, на нивните соништа и на иднината што им беше одземена.

Сеќавањето не е само чин на тага. Тоа е обврска – да не се заборави, да се побара одговорност и да се направи сè што е можно ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори.

Зашто зад бројката 63 стојат 63 имиња, 63 семејства и 63 причини Македонија никогаш да не го заборави 16 март.

Вечен помен за:

Алексова Стефанија, Џамов Јорданчо, Трајчев Иван, Ѓоргиев Џоко, Коларов Александар, Величков Иван, Стојанов Андреј, Антова Ивона, Христовски Павел, Димитријев Диме, Насевски Никола, Богданов Тоше, Тодоровски Тоше, Коцева Ана, Живков Адријан, Петрушов Гордан, Горгиев Игорче, Стевановски Филип, Стојанов Томче, Стоименова Моника, Стојанов Стојанчо, Пројковска Николовска Capa, Шопова Марија, Ивановски Петар, Ѓорѓиев Александар, Марковски Матеј, Закова Бојана, Василков Ѓорѓи, Петров Александар, Минова Драгана, Алексова Capa, Ѓорѓиески Андреја, Ивановски Филип, Јорданова Capa, Стрезоска Марија, Ефремов Александар, Велков Игор, Тасева Стојковска Лепа, Атанасовски Мартин, Алексов Александар , Минов Божидар, Милковска Кети, Златков Томас, Соколова Стефанија, Велков Леонид, Наунова Надица, Јорданов Виктор, Панов Андреј, Иванов Димитар, Стоименов Спиро, Владимиров Јове, Андонов Ице, Тасевски Стефан, Величков Ѓорѓи, Стојанов Александар, Христова Сања, Танески Дамјан, Спасова Моника, Лазаров Андреј, Карадакоски Александар, Гавриловски Александар , Стефанов Стојанче, Блажев Владимир Панчо.

Зачлени се на нашиот е-билтен