Една изборна единица – ДА, ама не се сите – ЗА

Историски гледано, иако начелно била прифаќана идејата за една изборна единица, речиси секогаш била условувана со извесни дополнувања, што на крајот резултирало да нема консензус и идејата да пропадне.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Предлогот за воведување една изборна единица во Македонија не е нов. Со текот на времето, политичките партии особено ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имале различни ставови, во зависност од нивната политичка позиција-дали биле на власт или во опозиција.

Со идејата за една изборна единица никогаш не се согласувале партиите на Албанците, а пак насприти нив, најупорно ја туркале помалите политички субјекти. Но бидејќи се немоќни да ја спроведат без согласност на водечките партии на политичката сцена, биле проморани да се вдомуваат во коалиции со големите за да преживеат.

Во моментов Македонија има шест изборни единици, секоја со по 20 пратеници. Предлогот за една изборна единица подразбира цела држава да биде една изборна единица, а пратениците да се избираат пропорционално според вкупниот број гласови на национално ниво. Ова би требало да им овозможи на помалите партии полесен влез во парламентот, бидејќи нема да мораат да добијат доволно гласови во конкретен регион, туку на цела територија. Главна цел е да се намали изборниот праг за малите партии, да се намалат „изгубените гласови“ и да се добие поправично претставување.

Историски гледано пак, иако начелно била прифаќана идејата за една изборна единица, речиси секогаш била условувана со извесни дополнувања, што на крајот резултирало да нема консензус и идејата да пропадне.

Овој пат во игра се два старо-нови тригери: гласање на дијаспората и отворени изборни листи.

ВМРО ДПМНЕ ја поддржува идејата за една изборна единица, но со услов да се овозможи гласање на дијаспората надвор од дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП), преку пошта или електронски, со цел да се зголеми нивното учество во изборниот процес. Но во суштина јавна тајна е дека партијата има традиционална поддршка од македонската дијаспора и смета на некој глас плус.

ДУИ „за чудо“ за прв пат ја подржува иницијативата за една изборна единица, но исто така го „условува“ (поддржува) гласање на дијаспората, затоа што има висока ефикасност во мобилизација. 

Познато е дека ДУИ има силни партиски структури надвор од земјата, кои умеат да ги организираат гласачите. Ако се претстави како партија што ги застапува Албанците секаде, добива и симболичка тежина на „сеалбанска“ партија. Гласовите од дијаспората можат да ги компензираат евентуалните загуби во земјата освоени од противничката Влен.

Очигледно е зошто и двата политички актери се „разбрале“ околу оваа точка. Имено постои меѓусебна калкулација, секој добива -„три карти од рака“!

Но, гласањето надвор од ДКП бара правна и техничка реформа.

Ако се дозволи електронско или гласање по пошта за дијаспората, а не и за граѓаните во земјата, тоа би било неправедно и неуставно според неколку основи. Имено би имале повреда на еднаквост на глас. Правото на глас е еднакво според Уставот на Македонија, а ако едни можат да гласаат од дома, а други мора да одат физички, тоа е дискриминација и по основ на локација.

Значи дијаспората би добила полесен пристап до изборниот процес, што автоматски влијае врз излезноста и резултатите. Таквиот систем може вештачки да ги надуе гласовите на граѓани кои не живеат под истите политички, економски и социјални околности како граѓаните во земјата.

Она што е најсимптоматично, имајќи ја изборната пракса кај нас, е манипулативниот ризик. Електронско или поштенско гласање е деликатно, бидејќи потешко се контролира автентичноста (дали гласачот сам гласал?), и има потенцијал за масовна мобилизација, (читај злоупотреба), од партии со јаки структури во дијаспората.

Според такво сценарио би добиле слика според која граѓаните во Македонија треба да бидат атакувани со месеци преку изборните кампањи на партиите, да стојат во редови на денот на изборите, а дијаспората да гласа од дома, преку апликација или писмо.

Можеби за СДСМ важи мислењето дека нема јако упориште во дијаспората, но барем има сенс каде може да води стихијната примена на вакви решенија. Засега ниту од таму немаат против воведување на моделот на една изборна единица, но нагласуваат  дека за вакви измени е потребен широк политички консензус. Венко Филипче истакна дека ваквите реформи треба да бидат дел од поширока политичка дебата која ќе ги опфати сите аспекти на изборниот систем.

Ваквиот став се покажува како нужен ако се има предвид дека првичната идеја за една изборна единица, секојдневно „мутира“ и покрај наводна подготвеност на политичките актери за суштински промени во изборнииот модел.

Така на пример иако ДУИ е за една изборна единица, коалицискиот партнер во „Фронтот“ АА на Зијадин Села се спротивставува на ваквиот модел и се залага за задржување или дури и зголемување на бројот на изборни единици на осум, со цел да се обезбеди подобра регионална и етничка застапеност. Села смета дека една изборна единица би можела да доведе до доминација на поголемите партии и да ја намали политичката репрезентација на помалите етнички заедници.

Билал Касами, лидерот на Движењето БЕСА како дел од коалицијата ВЛЕН, неодамна изјави дека сè уште ја разгледуваат можноста за поддршка на моделот со една изборна единица. Тој истакна дека ваквиот систем може да има меѓуетнички импликации и дека е потребно да се гарантира дека гласот на сите заедници ќе биде правилно претставен во Собранието. Касами додаде дека, земајќи ги предвид сите аспекти, коалицијата ВЛЕН ќе го изгради својот став дали ќе поддржи една, три или осум изборни единици.

Предлогот за една изборна единица може да заглави токму поради нејаснотиите околу тоа кој добива и кој губи, ако не се испегла условот за дијаспората и не се обезбеди еднаквост за сите гласачи.

Зачлени се на нашиот е-билтен