Една изборна единица – стара тема, нови дилеми

Демократскиот сојуз (ДС) и Либерално-демократската партија (ЛДП) иницираатзаконски измени на Изборниот законик со коишто се предлага Македонија да биде една изборна единица.

„Ваквите измени ќе значат силен поттик на демократизација на изборниот процес и на државата во целина, како и демонтажа на „еднопартискиот систем“ на владеење и зголемување на одговорноста на извршната и законодавната власт“, вели лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека партиите досега не седнале да се усогласат околу ова прашање, но ВМРО-ДПМНЕ како партија ќе ја поддржи идејата за една изборна единица, во којашто право на гласање ќе има и дијаспората.


Какви измени се предлагаат

Со измените се предлага зад секој пратеник да стојат ист број на гласачи, а не како досега воизборна единица шест пратеник да се бира со 6.300 гласа, а во изборна единица три – со 10 илјади гласа, пишува „Дојче веле“

„Предлагаме да остане пропорционалниот модел, без изборен праг, а пратениците да се пресметуваат по Донтовиот модел. Со предлогот се овозможува и самостоен настап на партиите од помалите етнички заедници и се гарантираат места во Парламентот доколку имат поддршка од гласачи потребни за пратеник“, истакнува лидерот на ДС.

Во врска со идејата за отворени листи, Трајанов вели дека искуствата во другите држави покажале многу слабости. „Предлагаме на претстојните локални избори да се почне со отворени листи за советници само во неколку општини (Центар, Струга и Гевгелија)“, вели тој.

И од ЛДП најавија иницијатива за воведување на една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик. „Како прва политичка партија која јавно ја поддржа оваа идеја, уште еднаш ја нагласуваме потребата од праведен и транспарентен изборен модел, кој ќе обезбеди еднаквост на гласот и директно на граѓаните во изборот на нивните претставници. Цврсто веруваме дека оваа промена ќе донесе поголема транспарентност, поголема одговорност на избраните претставници, како и посилна демократија во нашата земја“, порачаа деновиве од партијата.

Стара идеја – нови дилеми

Станува збор за иницијативи коишто се провлекуваат со години наназад, речиси на секој изборен циклус, а за коишто досега немаше општ конзенсус. Демократскиот сојуз потсетува дека повеќе од 15 години ја актуализира потребата од коренити измени на изборните правила. Последниот обид (предлог поднесен во 2022 година) за Македонија да биде една изборна единица не ја доби поддршката на СДСМ и ДУИ.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо да има една изборна единица со можност да гласа и дијаспората. Тој не гледа причина зошто ова да не се случи до следните парламентарни избори, доколку се направат подготовки на дипломатско-конзуларните претставништва.

Генерално, дискусијата за можни измени на изборниот модел најмногу се води од страна на помалите партии, кои застапуваат воведување отворени листи и една изборна единица без изборен праг. Тие сметаат дека една изборна единица може да промовира подобра демократија, плурализам и инклузивност, а и дека ќе ја поткопа доминацијата на двете главни политички партии и ќе им даде на помалите политички актери повеќе простор за дејствување.

Анализа на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од 2023 година укажува дека изборниот модел не може да биде магично стапче за забрзување на демократизацијата на државата, вклучително и за надминување на маѓепсаниот круг на двопартискиот систем уште од осамостојувањето. Во комбинација со високото ниво на клиентелизам и низок степен на политичка култура, постојат многу покрупни пречки за поразновиден партиски систем во Северна Македонија од изборниот модел, чија дополнителна пропорционализација би можела да има други сериозни негативни последици за македонската демократија, беше посочено во анализата на ИДСЦС.

Зачлени се на нашиот е-билтен