Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија се наведува дека земјата не презела конкретни чекори за усвојување на уставните измени, нема напредок во реформите во судството, а корупцијата и натаму претставува сериозен проблем. Во документот се споменува и трагедијата во Кочани како пример за длабоки системски слабости.
Од Брисел порачаа дека билатералните договори со Грција и Бугарија треба да се спроведуваат во дух на добра волја, додека политичката поларизација во Собранието ја забавува реализацијата на реформите поврзани со ЕУ.
„Не беа направени обиди за усвојување на потребните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Потребни се трајни и решителни чекори за напредок во реформите и во пристапниот процес кон ЕУ“, стои во извештајот.
Европската комисија со загриженост ја посочува трагедијата во Кочани, при која во пожар загинаа 62 лица, а над 190 беа повредени. Според извештајот, случајот открил сериозни недостатоци во спроведувањето на антикорупциските мерки, а меѓу обвинетите има и актуелни и поранешни државни функционери.
Во однос на институциите за борба против корупцијата, Брисел ја споменува Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) како негативен пример поради обвинението против нејзината поранешна претседателка Димитровска, со што, како што се наведува, е доведен во прашање кредибилитетот на институцијата.
„ДКСК треба проактивно да предлага и спроведува мерки за спречување на корупцијата, да ги следи анкетните листови и финансирањето на кампањите, и да ја зајакне својата ефикасност“, препорачува Европската комисија.
Извештајот, исто така, бара усвојување на нов Кривичен законик во согласност со европските стандарди, како и засилување на независноста на судството, кое, според документот, е поткопано од политички притисоци и ограничени финансиски ресурси.
Комисијата заклучува дека владината коалиција останува стабилна и дека Рамковниот договор се спроведува, но предупредува дека Министерството за европски прашања нема доволно ресурси, а злоупотребата на скратените постапки со „ЕУ знаменце“ треба да се ограничи.

