Експерти: Македонија не е имуна на онлајн радикализацијата

радикализацијата

Македонија, исто како и земјите од Западен Балкан и Европа, не е имуна на онлајн радикализацијата. Вештачката интелигенција, социјалните мрежи и криптопазарот го олеснуваат врбувањето за радикални, насилни и терористички активности. Искуството од праксата, сепак покажува дека регрутацијата најчесто започнува преку директен контакт „лице в лице“, а продолжува во онлајн простор, особено преку затворени и шифрирани апликации и групи. Постојат индикации за присуство на екстремисти во одредени социјални средини, како гејминг клубови, но засега нема потврдени случаи на регрутација преку онлајн игри во земјата.

Ова е еден од заклучоците од јавниот настан на тема „Онлајн радикализацијата како безбедносен предизвик за Северна Македонија: ризици, политики и законски решенија“, што го организираше Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот (НКСНЕБПТ) на 24 март во Скопје.

Павле Трајанов, координатор на Националниот комитет укажа на поврзаноста меѓу организираниот криминал и тероризмот, како и на злоупотребата на религијата преку параверски структури и квази-невладини организации кои служат како канали за финансирање и ширење радикална пропаганда. „Во Македонија последните две години се откриени 14 нарко-групи. Откривањето на овие групи позитивно влијае на безбедноста и стабилноста на државата. Сѐ повеќе информации укажуваат дека терористите сакаат да ги користат овие групи на организиран криминал за извршување насилни активности“, рече Трајанов.

Војната во Сирија и Ирак поттикна сериозна бројка на т.н. странски терористички борци од Македонија кои поради иделолошки побуди мигрираа во кризните региони. Според Бобан Стојановски, експерт за безбедност, почетните процеси на радикализација во Македонија се поврзуваат со граѓани кои по завршувањето на теолошко образование во арапските земји на поинаков начин ја пропагираат и практикуваат религијата. Во последните две години имало неколку обиди за изведување терористички напади во државата, подготвувани од млади лица родени кон крајот на 90-тите или почетокот на 2000-тите, што укажува на поместување на старосната граница.

Стојановски нагласи дека е важно да се прави разграничување помеѓу онлјан радикализација преку пропагирање радикални содржини на социјалните медиуми и употреба на онлајн просторот како комуникациска алатка за подготовка на насилни активности за рушење на уставниот поредок. „Безбедносно-полициските служби треба да обрнат внимание на почетните знаци на радикализација преку социјалните мрежи, но и на директните физички контакти кои се одвиваат во паралелни верски објекти, надвор од официјалните институции“, рече Стојановски.

Репресивните мерки и судската пракса укажуваат на исклучителна внимателност за баланс меѓу гаранцијата на фундаменталните човекови права и заштитата на националниот интерес и безбедноста. Судијката Софија Гаврилова Ефремова од Кривичниот суд – специјализирано судско одделение за дела од областа на организираниот криминал и корупција нагласи дека европската судска пракса јасно поставува граници, но оставa простор за проценка во секој конкретен случај. „Демократското општество мора да толерира и контроверзни ставови, сè додека тие не повикуваат на насилство. Но, државата има обврска да реагира кога тие граници ќе се надминат“, изјави судијката.

Во тек е подготовка на Закон за следење и спречување на радикализација и насилен екстремизам, што го координира Националниот комитет и работна група со претставници од релевантни институции кои се членови на Комитетот. Македонија, исто како и останатите земји од Западен Балкан, е обврзана да спроведе сет активности кои се дел од Заедничкиот акциски план со ЕУ за координиран национален и регионален одговор. Дел од тие обврски и се усвојувањето на Акцискиот план и Патоказот за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам за 2026-2030. Овие активности на Владата за позитивно се оценети во последните неколку извештаи на ЕК.

Во фокусот на работата на Комитетот е јакнење на институционалните капацитети за превенција и сузбивање на тероризмот, и доминантно работи со безбедносните служби (преку обуки, работилници, студиски посети во други земји, истражувања и сл.). Соработува и со голем број невладини организации, а значаен дел од активностите се поддржани од странски фондови.

ИКС овој настан го организираше во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен