Експертите за одлуката на Ленче Ристоска: Оставката е обвинение

Ристоска

Оставката на обвинителката Ленче Ристоска предизвика силни реакции во јавноста, а во кругот на правните експерти се оценува дека нејзината одлука повеќе говори за системот кој ја натерал на тоа.

Поранешната претседателка на Државната комисијс за спречување коруција, Билјана Ивановска,  одлуката на Ристоска да поднесе оставка  е одлика на висок интегритет.

Според Ивановска, одземањето на овластувањата на обвинителката Ристоска во предметите Талир, кои се во завршна фаза, може да има негативно влијание врз ефикасноста.

„Со одземањето на овластувањата на некој што дошол до завршна фаза, како што е Ленче Ристоска, по мое мислење, тоа може да ги одолговлекува ефектите. Нека објасни обвинителот на што се должи ова одземање на овластувањата“, порача таа.

На крајот, Ивановска повтори дека ја разбира одлуката на Ристоска и дека, според неа, оставката претставува јасен пример за професионален и морален интегритет.

Мартин Тасевски, магистер по казнено право и истражувач за владеење на правото, гледа на оставката како на обвинение.

„Кога обвинител бара заштита и не ја добива, кога му се одземаат предмети, и кога на крај сам си заминува, тоа е најгласното можно обвинение против системот“, истакнува Тасевски.

Според Тасевски, за иронијата да биде поголема или, можеби, најгорчлива, еден ден, истите тие што молчеа, што гледаа на страна, што дозволија ова да се случи ќе ракоплескаат.

„Ќе зборуваат за ‘храброст’. Ќе пишуваат за ‘интегритет’. Ќе ја слават како симбол. Како што секогаш се случува. Затоа што системот секогаш доцна ја препознава вистината — откако веќе ја оттурнал“, оценува Тасевски.

Професорот Денис Прешова вели дека во систем кој се „колне“ во самостојност и автономија, особено кога треба да се бараат пари, а нема да се најде ниту еден јавно да реагира на сите случувања, дали се тоа директно надредениот или надредените, здружението на обвинители, или Советот на јавните обвинители, не можете ништо друго да очекувате освен послушност и кооперативност со политиката и центрите на моќ.

„Сето ова директно оди на штета на државните интереси, оние интереси за кои положиле заклетва дека ќе ги штитат. Веројатно на иста линија би одела и забелешката кон „меѓународната“ од каде доаѓа пораката дека во основа ваквите личности се „потрошна роба“ бидејќи не видов било кој јавно да се заложи макар и во име на самостојноста и владеењето на правото. Сигурно дека нешто од ова ќе осамне во некои од извештаите, но тоа нема да биде прв пат, и веќе знаеме дека нема да доведе до суштински промени“, предупредува Прешова.

Токму поради ова, Прешова смета дека борбата на Ленче Ристоска во изминатиот период, многу пред доагањето на оваа власт, треба да се гледа низ призма на поттикнување и некој друг од редовите на обвинителството и правосудството да најде за сходно да крене глас и да покаже интегритет.

„Се додека индиферентноста и сопствениот интерес не бидат потиснати од чувството и желбата за правда ние ќе продолжиме да губиме добар кадар, кој или ќе биде тотално демотивиран, претопен во сивилото, и нема да може да го оствари својот реален потенцијал и капацитет, а останува само зашто нема друг избор поради мноштво на егзистенцијални причини, или целосно ќе се повлече. Така што оставката е воедно и за оние првите, потиштените и демотивирани квалитетни поединци, колку што е против оние малкумина кои успеваат да се „снајдат“ и вешто да „пливаат“ обезбедувајќи си лична корист додека системот се деградира“, смета професорот Денис Пешова.

Бошко Нацевски, поранешен новинар и уредникнапиша дека оставката наобвинителката Ленче Ристеска доаѓа по сите тормози испраќани на нејзина адреса од едно партиско дувло И после сите обиди за девалвирање на нејзиниот, инаку ретко достоинствен и високоморален професионален профил.

„Е па господо, вие што сакате да не претворите во марионети, да не обезличите, обезвредните, во потегот на обвинителката Ленче  видете колку е срамен и беден поразот на вашиот проект за нејзина деградација. Ленче, господо, и сега држи час по нескршливост во одбрана на правото и професионалниот морал. Според стожерните принципи на Божицата на правдата. Белки ќе научите нешто“, нагласува Нацевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен