Ентеробактерии откриени во едно училиште во Карпош по вонредната контрола

По вонредните проверки што Агенцијата за храна и ветеринарство и Институтот за јавно здравје ги спроведоа во девет основни училишта во општина Карпош, во едно училиште е утврдено присуство на ентеробактерии. Според резултатите од анализата, бактериите биле откриени во брисеви земени од две површини во кујнскиот простор, што укажува на недоволно одржување на хигиената.

Контролите беа организирани по масовното труење на ученици во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, каде што истата група бактерии беше пронајдена и во водата од чешмите и во храната од училишната кујна. Тоа беше посочено како најверојатна причина за појавата на симптоми кај голем број деца.

Од Институтот за јавно здравје информираат дека во останатите осум училишта не биле откриени патогени бактерии. Испитувањата опфатија мостри од храна и брисеви од работни површини во кујните, а резултатите покажаа дека примероците биле во рамките на дозволените здравствени стандарди.

Институтот најавува иницијатива за измени во Националната годишна програма за јавно здравје и релевантните правилници и акти, со цел подобрување на хигиенските услови во училиштата и градинките, како и дополнително зајакнување на контролата на квалитетот на водата и храната во воспитно–образовните установи.

Вонредните контроли ќе продолжат според планот за редовен надзор, со фокус на превенција и навремено откривање на евентуални неправилности во хигиената и безбедноста на храната.

Зачлени се на нашиот е-билтен