Ерик Бурнс за Интеркултура на ИМА: Трамп и Маск се „брак склучен во пеколот“

Во најновото издание на шорткастот „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски разговара со Ерик Бурнс, американски граѓанин и македонски зет, политички консултант и специјалист за комуникации, кој даде отворена и критичка анализа за моменталната состојба во американската политика и нејзините глобални импликации.

Осврнувајќи се на сè подлабокиот судир помеѓу Доналд Трамп и Илон Маск и нивниот меѓусебен однос кој го нарече „брак склучен во пеколот“, Бурнс оцени дека ситуацијата ќе трае долго и нема да помогне, напротив.

“Тој и Илон Маск – фактот што се расправаат – значи, го имате најбогатиот човек на светот против, како што би рекле Американците, најмоќниот човек во светот… Мислам дека оваа ситуација ќе биде многу поинаква и ќе трае долго. Илон Маск потроши неколку стотици милиони долари за да му помогне на Трамп да биде избран. Тој е вториот најпопуларен републиканец во MAGA движењето…Тој е најбогатиот човек на светот и има договори вредни 38 милијарди долари со НАСА и други владини агенции…Така што, во голема мера, особено со новата вселенска трка, Маск има многу адути, но и Трамп има. Ова беше како брак склучен во пеколот, со овие двајца…Јас погрешно предвидов дека тие се премногу поврзани за некогаш сериозно да се скараат…Трамп не сака никој да му застанува на патот, а Маск исто така… И мислам дека многу луѓе „фаќаат сеир“ и уживаат гледајќи како оваа врска се распаѓа. Но мислам дека, зборувам за моите пријатели во САД – и можеби и тука – многу луѓе се и исплашени и нервозни…Не мислам дека ова помага“, објаснува тој.

Бурнс, кој има повеќе од три децении искуство работејќи во американската политика, влада и во американскиот Конгрес, не се воздржа од критики за системската штета предизвикана од актуелната администрација, која тешко ќе се поправа и ќе се чувствува во САД и во светот уште долго време.

„Луѓето на Маск поминаа низ сите сектори и агенции и ги уништуваа една по една – било да е Medicaid, било други, мислам, споменете било која агенција од Федералната Влада на САД – тие отстранија големи парчиња од секоја. Отпуштаа луѓе неселективно. Во Федералната агенција за авијација – поставуваат 22-годишни деца да раководат со агенции кои се многу сериозни. И ова не е само проблем за Американците. Ова е проблем за секој кој се грижи за Западот и западната коалиција. Трамп, покрај DOGE, како што знаеме, направи сè што може да ги влоши односите со нашите најстари и најважни сојузници – односите се тензични, тешки, напнати…Нема да биде лесно тоа да се изгради повторно. Веќе направија преголема штета. Прават системска штета што ќе се чувствува – барем во САД, а мислам и во светот – следните 20 години… Штетата што ја направија само со масовните отпуштања влијае на глобалната политика. Влијае на светскиот поредок. И затоа, не мислам дека ова ќе се поправи лесно“, оцени Бурнс.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во првиот дел од гостувањето на Ерик Бурнс од видео шорткастот „Интеркултура”.

Зачлени се на нашиот е-билтен