Ескалираа препукувањата меѓу Арсовска и градоначалникот на Чаир: Ѓубрето заврши пред седиштето на Град Скопје

Доцна синоќа, граѓани од Чаир предводени од градоначалникот Висар Ганиу пристигнаа пред седиштето на Град Скопје, каде симболично го исфрлија ѓубрето кое претходно го собраа од улиците на Старата Чаршија.

Акцијата претставуваше протест против, како што велат, негрижата на градските власти и блокадата со која се соочува општината во делот на одржување на јавната чистота.

На местото на настанот брзо пристигна и полиција, која интервенираше и ги растера присутните граѓани.

Настанот помина без посериозни инциденти, но Арсовска се појави пред канцелариите на Град Скопје и обвини дека Ганиу брзо побегнал и дека не е во ред ѓубрето да се исфрла на ваков начин.

„Ловот“ на дивоградби во општината Чаир од страна на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го забележаа и во јавното обвинителство.

Основното јавно обвинителство информира дека утринава до скопското обвинителство е доставено известување од страна на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје за конкретниот случај, за кој веќе се постапува.

„Во однос на сомненијата за објекти-дивоградби во Општина Чаир, Основното јавно обвинителство Скопје утрово прими известување од СВР Скопје по кое веќе се постапува“, информираа попладнево од Обвинителството.

Оттаму велат дека сите службени лица кои имаат какви било сознанија или докази за извршено кривично дело, имаат законска обврска да го пријават на надлежните органи.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, минатата недела изврши обиколка на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности, за кои таа обвини дека се дивоградби, директно обвинувајќи го градоначалникот Висар Ганиу (член на „Вреди“) дека е дел од криминалот што се спроведува.

Зачлени се на нашиот е-билтен