Етничка сегрегација во штипско училиште, родителите ја заобиколуваат реонизацијата

И покрај законските измени, во штипското училиште  ООУ „Гоце Делчев“ не се почитува реонизацијата, според која родителите треба да ги запишат своите деца во прво одделение соодветно на адресата на која живеат. Ова го соопшти директорот на ООУ „Гоце Делчев“- Штип, Зоран Митев.

Ова училиште како и ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола, пред две години добија пресуда од Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур дека, како што се вели во пресудата, вршат етничка сегрегација. Според пресудата во овие училишта имало тенденција да се формираат посебни ромски паралелки.

За да се надмине овој проблем од јануари годинава важат и измените на Законот за основно образование, со кои се пропишува почитување на реонизацијата на училиштата.

Но, директорот Митев вели дека од досега запишаните 54 првачиња, само нешто помалку од половина се етнички Македонци, а останатите ученици се етнички Роми.

„Покрај извршената нова реонизација, состојбата во ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, не е променета. Родителите најдоа нов модел, начин на запишување на учениците во друго училиште. Имено, си ги менуваат адресите, а оние кои не успеале да си ги променат адресите само со нотарски договор, без наемнина, ги запишуваат учениците во друго училиште. Ние имаме запишано 54 ученици и очекуваме да запишеме уште десетина, бидејќи дел од ромската популација ги запишува децата во септември или октомври. По правило би формирале три паралелки, но сега имаме запишано само 24 ученици – Македонци. Дел од нив се испишуваат“, изјави Митев.

Проблемот со сегрегацијата, само ја усложнува состојбата на основното образование на во оваа општина. Важен проблем е и постојаното намалување на ученици. Поради тоа, директорот заедно со останатите четиримина директори на основни училишта во Штип, од Советот на општината побараа, а на вчерашната сеница добија, согласност за формирање на паралелки со помал број ученици не само во прво одделение, туку и во повисоките одделенија.

Директорите на петте штипски основни училишта пред штипските советници истакнаа дека најголема причина за намалување на бројот на ученици не само во прво, туку и повисоките одделенија, е иселувањето. Невенка Величкова директорка на ООУ „Димитар Влахов“ вели дека годинава и училиштето што таа го раководи ќе има помал број ученици.

„ООУ „Димитар Влахов“бара согласност за формирање паралелки со помал број ученици во учебната 2025/2026 година. И тоа две паралелки во прво одделение, две во петто, една паралелка во шесто, три во осмо одделение и две паралелки во деветто одделение“, вели Величкова.

Ништо поразлична не е ниту ситуацијата во ООУ „Ванчо Прке“, „Тошо Арсов“ и „Славејко Арсов“, каде што ќе се формираат паралелки со помал број ученици. Според последните податоци од Општина Штип, во прво одделение за учебната 2025-2026 година се запишани над 360 ученици или 35 ученици помалку во споредба со минатата година.

Од средните училишта и годинава близу прагот на законскиот минимум поминаа уписите во гимназијата „Славчо Стојменски“, каде се запишани 96 ученици во шест паралелки или во просек по 16 ученици во еден клас. Законскиот минимум за формирање паралелка е 12 ученици.   

В.Д.

Преземено од Локал Актив

Фото: Локал Актив

*Локал Актив е онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

Локал Актив е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД. Реализацијата на овој проект и формирањето на Локал Актив произлезе од идејата дека непрофитните медиуми на заедницата се од клучно значење за остварувањето на комуникациските права на локалните заедници, а особено на ранливите и маргинализираните групи граѓани.

Локал Актив се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво, преку формирањето на Мрежата од совети на публики во која членуваат повеќе од 60 граѓански организации кои ги застапуваат правата на ранливите групи граѓани низ сите осум региони во РСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен