И покрај 10-те милиони евра инвестирани од Европската Унија за проектот „ЕУ за чист воздух“, загадувањето во Тетово, Скопје, Куманово и Битола останува сериозен проблем. Општините засадија илјадници дрвја, но други мерки и нивните ефекти врз квалитетот на воздухот сè уште не се видливи.
Иницијативите минатата година изгледаа ветувачки, но парите се користени првенствено за садење дрвја и делумна модернизација на системите за греење. Во градовите каде загадувањето е екстремно, резултатите сè уште не се видливи. Граѓаните бараат поконкретни и брзи мерки за намалување на загадувањето на воздухот.
Проектот беше промовиран уште минатата година, на официјални страни на општините може да забележиме дека садењето дрвја всушност се случило дури оваа година, во октомври и ноември, а други мерки за борба против загадувањето нема.
Во Тетово, како дел од проектот, се засадени 946 дрвја од видот Betula pendula (бела бреза) во урбаните делови. Градоначалникот Билал Касами истакна дека ова е „инвестиција во нашето здравје и чекор кон побогат екосистем.“ Сепак, индустриското загадување и натаму е доминантен проблем за локалното население.
Куманово започна со засадување на 1.815 дрвја на неколку локации, како Парк Соколана и градскиот парк. Градоначалникот Максим Димитриевски ја нагласи важноста на заедничките напори за чиста животна средина. Иако акцијата е значајна, граѓаните и натаму се жалат на високо ниво на загадување, особено во зимскиот период.
Во Битола, покрај засадувањето 1.500 дрвја, проектот вклучува поврзување на јавните објекти со системот за централно греење и заменување на нафтените со поеколошки системи. Според градоначалникот Тони Коњановски, ова ќе помогне во намалување на штетните емисии на PM10 и PM2.5., но засега се на стартор, садат дрвја.
Градот Скопје го започна засадувањето на 3.000 дрвја, вклучувајќи и 1.000 во новиот Мега парк во Карпош. Покрај тоа, треба да се набават шест еколошки автобуси на CNG и се подготвува студија за проширување на топловодната мрежа.
Програмата „ЕУ за чист воздух“ произлегува од Европскиот зелен договор и целта Европа да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година. Буџетот од 10 милиони евра се спроведува во период од три години (од 2023 до 2026 година) под раководство на УНОПС.