Европа нема моќ да ја замени САД – потребен е одбранбен сојуз меѓу Германија, Франција и Полска

Европската унија не е способна да ја замени улогата на САД како главен поддржувач на Украина, па затоа Германија, Франција и Полска треба да формираат посебен одбранбен сојуз, тврди Жак Шустер, уредник на неделното издание на германскиот весник „Велт“.

Според него, американскиот претседател Доналд Трамп не ја разбира дипломатијата и не само што се повлекува од поддршката за Украина, туку и ги понижува европските сојузници. Шустер смета дека во Вашингтон веќе никој не се води по учењата на Хенри Кисинџер за државништвото и дипломатските ограничувања.

„Со Белата куќа управуваат дипломатски аматери кои не прават разлика меѓу тактика и стратегија, а камоли да ги согледаат последиците од своите постапки врз глобалната мрежа на американските сојузници“, пишува тој.

Според него, ако САД продолжат со ваквата политика, долго воспеваниот „американски мир“ ќе се распадне, а Европа нема моќ да го спречи тоа.

„Европа нема сила да ѝ помогне на Украина, исто како што последниот албански крал Зогу повикуваше на отпор до последната капка крв, само за на крајот да побегне со златните резерви“, вели Шустер.

Тој предупредува дека доколку Украина ја загуби независноста, ЕУ ќе ја изгуби секоја основа да зборува за моралот кој го пропагира.

За да се надмине кризата на самодоверба во Европа, не е доволна само ремилитаризацијата – неопходно е ЕУ итно да стане релевантен фактор во надворешната политика.

„На Европа ѝ треба нов воен механизам кој нема да функционира според бирократскиот модел на ЕУ, каде поединечни држави како Унгарија можат да стават вето, а други, како Шпанија, да ги разводнат одлуките“, наведува Шустер.

Според него, ако за воведување на еврото беа потребни само десет години од обединувањето на Германија, тогаш создавањето на одбранбен сојуз меѓу Германија, Франција и Полска би било уште побрзо – потребна е само политичка волја.

Зачлени се на нашиот е-билтен