Европската Конфедерација на Синдикати со поддршка за ССМ и со осуда за заканите и заплашувањата

ССМ

Во име на Европската Конфедерација на Синдикати (ETUC), сакаме да ја изразиме нашата целосна солидарност и силна поддршка на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на раководството и на сите негови синдикални членови, се вели во писмото на ЕТУЦ, до ССМ и раководството на македонската синдикална организација.

„Како членка на Европската Конфедерација на Синдикати (ETUC), ССМ е важен дел од Европското синдикално движење. Внимателно ги следиме случувањата кои ги пријавивте и сме сериозно загрижени од извештајот за притисоци и напади насочени кон ССМ и неговите синдикални лидери и синдикални претставници“, се нагласува во писмото.

Вашите напори и заложби за одбрана на работничките права, порачуваат европските синдикалисти, промовирање на фер минимални плати, обезбедување соодветно зголемување на платите и зајакнување на колективното договарање се целосно легитимни и се од големо значење. Тие ги одразуваат реалните потреби на работниците кои се соочуваат со зголемување на трошоците на живот и зголемена економска несигурност.

Вашето залагање за пристојни услови за живот и работа е во сржта на синдикалното дејствување и е цврсто засновано на меѓународните и Европските стандарди на трудот, оценуваат од ЕТУЦ .

„Особено сме загрижени од пријавите и извештаите за лично таргетирање и заплашување што несомнено има за цел влијание врз претставниците на синдикатите и нивните семејства. Ваквите дејствија се апсолутно неприфатливи и некомпатибилни со демократските принципи“, нагласуваат европските синдикалисти.

Слободата на здружување, укажуваат од ЕТУЦ, колективното договарање и правото на преземање синдикална акција, активности и чекори, вклучително и штрајк, се фундаментални права заштитени со Конвенциите на МОТ и Европските инструменти за човекови права. Овие права мора да се почитуваат и во Законите и во праксата.

„Европската конфедерација на синдикати (ETUC) цврсто стои на ваша страна. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата и каде што е потребно да изразуваме загриженост на Европско ниво“, порачуваат во писмото за поддршка на ССМ на Европската Конфедерација на Синдикати.

Зачлени се на нашиот е-билтен