Европските берзански индекси денес бележат значителен пораст, додека заедничката европска валута се зајакнува во однос на доларот по парламентарните избори во Германија. Победата на конзервативните демохристијани предводени од Фридрих Мерц, кои најавија дека новата влада ќе биде формирана за два месеца, има позитивен ефект врз пазарите.
Иако Германија се соочува со економска стагнација и трговски тензии, предизвикани од можните увозни царини наметнати од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, новата влада во Берлин се очекува да ги преземе неопходните реформи, вклучувајќи модификација на „сопирачката за долг“ со цел обезбедување дополнителни средства.
На берзите, индексот на Франкфуртската берза DAX се зголеми на 22.360,59 поени, додека британскиот FTSE 100 достигна 8.662,15 поени, а московскиот MOEX се искачи на 3.302,85 поени. Францускиот CAC 40, сепак, забележа пад на 8.107,32 поени.
Во исто време, американскиот индекс Dow Jones падна на 43.428,02 поени, а S&P 500 се намали на 6.013,13 поени, со значителен пад на Nasdaq индексот на 19.524,01 поени.
Цените на суровата нафта паднаа на 70,106 долари, додека на нафтата од типот брент се намали на 74,162 долари. Европските фјучерси на природен гас за март беа тргувани по цена од 46.520 евра за мегават-час.
Цената на златото се зголеми на 2.943,18 долари за унца, додека пченицата падна на 5,8219 долари за бушел. Вредноста на еврото во однос на доларот достигна 1,04853, што е за 0,25% повисоко во споредба со петокот.