Фарбање во црвено: Со 38 стари возила кои повеќе од осум години не биле користени ниту запалени ќе се гаснат пожари низ целата земја

Денес премиерот Христијан Мицкоски во Криволак, заедно со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и Директорот на Агенцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, ги претставија старите 38 возила коишто повеќе од осум години не биле запалени и не биле користени за никаква функција, кои стануваат составен дела од Македонска интервентна пожарна за гаснење на шумски пожари. (МИП)

Премиерот изјави дека ова денес што се успеало да се види на претставувањето на старите возила, ќе биде реалност за вистинско гаснење на пожарите коишто следат.

„Станува збор за полициски и армиски возила коишто повеќе од осум години не биле запалени. Ја видовте демонстрацијата, видовте како денес сето тоа изгледа и можам да кажам дека многу поподготвени ја пречекуваме сезоната на пожари којашто очекуваме да се случи многу скоро, односно таа е веќе во тек, веќе се појавуваат одредени пожари на одредени делови од територијата на државата.“

Според Мицкоски, на овој начин државата заштедува неколку десетици милиони евра. Тоа било заштедата и зголемување на капацитет.

„Патем можам да кажам дека оваа недела треба да стигне од сервис и вториот авион којшто беше на сервис, третиот го очекуваме да дојде некаде до крајот на месецот или почетокот на август. По два полициски и армиски хеликоптери се исто така подготвени за справување доколку има пожари и огнена стихија, така што кога би се споредило со минатото навистина не можеме да правиме споредба оваа година.“

Премиерот исто така истакна дека во функција е и забраната за без дозвола за движење во шумски предели и на планините.

Фото: Симулација на гасење пожар со старите возила кои не биле користени повеќе од 8 години на Криволак, Влада на РСМ

Од Центарот за управување со кризи информираат дека моменталната состојба на територијата на целата држава покажува дека активни се вкупно четири пожари кои се на отворен простор, а засега еден е локализиран.

Активни пожари има во Општина Прилеп, село Бешиште каде што пожарот е во приземна квалитетна мешана шума. Вториот пожар во Општина Прилеп, кај Прилепските гробишта, пожар со ниска вегетација.

Останатите пожари коишто се активни се во Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле каде пожарот е во деградирана дабова шума и грмушки. И Општина Чашка, под Солунска Глава, помеѓу местата Изворите на Бабуна и Бабина Дупка. Овој е шумски пожар, без активен пламен, има чад на карпест терен

Единствениот пожар кој е локализиран е во Општина Делчево, пожар кој бил на депонијата во Делчево.

Зачлени се на нашиот е-билтен