Фемицидот во Македонија и Европа: Дали жените се доволно заштитени?

EPA-EFE/OLIVIER HOSLET]

Фемицидот – убиството на жени поради нивниот пол – станува сè почеста, а премолчена трагедија и во Северна Македонија и во Европската Унија. Тоа не се само индивидуални трагедии, туку системски неуспеси – на правосудството, на полицијата, на социјалните служби, и пред сè, на општеството кое се уште не знае (или не сака) да ги заштити жените.

Македонските жени умираат, дури и откако повеќепати барале помош. Случајот на Емилија Пешева од Штип, убиена од својот партнер во ноември 2024 година, е суров пример. И покрај пријавите, судските постапки и докажаното семејно насилство, сторителот останал на слобода – сè додека не ја однел во напуштен објект и ја задавил. Тоа не било импулсивен чин. Тоа било планирано убиство – фемицид.

Истиот образец се повторува. Во Кочани, во 2023 година, жена беше избодена со 40 убоди со нож од маж кој ја уценувал и заплашувал. Заканите биле пријавени, но реакција немало. Во Неготино, уште една жртва почина по години пријавувано насилство – без заштита, без засолниште, без поддршка.

Во земја со помалку од два милиони жители, статистиката е запрепастувачка: од 2019 до 2022 година, 19 фемициди. До септември 2023 – уште три. Во 2022, над 1.000 жени пријавиле семејно насилство. Во 2024 година, до септември – 517 пријавени случаи, со 476 мажи како сторители.

Но бројките не го покажуваат целосниот обем. Насилството е дел од секојдневието на жените – дел што се игнорира, потценува или „помирува“. За секој случај што доаѓа до јавноста, десетици други остануваат невидливи.

Зошто институциите не успеваат?

Повеќето фемициди не се „изненадување“. Тие се крајна последица на хронична незаинтересираност и бирократска тромост. Главните институционални пропусти во Северна Македонија се:

-бавна и неефикасна реакција на полицијата,

-непостоечка или формална проценка на ризик,

-недоволен број засолништа и психолошка поддршка,

-благи судски пресуди, што поттикнува чувство на неказнивост.

И покрај тоа што земјата ја ратификуваше Истанбулската конвенција и воведе законски измени, како вклучувањето на согласноста во дефиницијата за силување, психолошкото насилство сè уште не е признаено како кривично дело. Тоа значи дека многу форми на контролирање, малтретирање и заканување остануваат под радарот на законот – сè до фаталниот исход.

ЕУ: институционални механизми, но фемицидот не исчезнува

Сликата во Европската Унија е подеднакво загрижувачка. Според Европскиот институт за родова еднаквост, секоја трета жена над 15 години во ЕУ доживеала физичко и/или сексуално насилство. Во Германија, дури 92% од младите жени изјавиле дека биле жртви на сексуално вознемирување.

Фемицидот не е исклучок ниту во „развиените“ демократии:

-Во Франција во 2023: 96 жени убиени од партнери.

-Во Италија во 2024: над 90 фемициди, половина од партнери.

-Во Германија во 2023: 360 убиени жени и девојчиња, со над 400 случаи на семејно насилство дневно.

-Во Шпанија: 48 жени и 9 девојчиња убиени во 2024 година.

Некои држави преземаат конкретни чекори. Шпанија подготвува нов државен пакт со 460 мерки против родово насилство. Словенија усвои национален акциски план за спречување на фемицид. ЕУ, во мај 2024 година, усвои Директива што криминализира широк спектар на родово базирано и дигитално насилство – вклучително и споделување интимни содржини без согласност. Но, дури и таа директива не го вклучува силувањето врз основа на отсуство на согласност – поради недостиг на консензус меѓу земјите членки.

Пет држави – меѓу кои и Унгарија, Чешка и Бугарија – сè уште не ја ратификувале Истанбулската конвенција.

Културни и социјални бариери

Проблемот не е само во правото. Тој е и во ставовите. Истражувањата покажуваат:

-17% од Европејците сметаат дека жените „често преувеличуваат“ кога пријавуваат сексуално насилство,

-46% мажи и 26% жени во ЕУ сметаат дека финансиската контрола во врска е прифатлива,

-27% мажи и 15% жени мислат дека сексуалното малтретирање „понекогаш е оправдано“.

Овие бројки ја откриваат длабоката родова нееднаквост, која ја одржува културата на молк, срам и страв. Контролата, доминацијата и патријархалниот поглед на жената како „сопственост“ стојат во срцето на секое родово базирано насилство.

Фемицидот не е приватна трагедија – тој е јавен срам

Фемицидот не се случува во изолирани простории. Тој се случува во рамките на општество кое ги одгледува девојчињата да молчат, а момчињата да доминираат. Во системи што ги понижуваат жртвите, а ги оправдуваат сторителите.

Ниту една жена не смее да биде убиена затоа што рекла „не“, затоа што решила да се раздели, затоа што барала свој мир. Но додека институциите и јавноста не ја сфатат оваа борба како општествен приоритет – ќе продолжиме да ги бројиме жртвите.

Што е потребно?

За да престанеме да броиме фемициди, потребни се:

-ефикасни механизми за итна заштита на жените,

-мобилни тимови за проценка на ризик и интервенција,

-повеќе засолништа, психолошка поддршка и рехабилитација,

-строги казни за сторителите,

-образование за родова еднаквост од најрана возраст,

-јавна поддршка за жртвите, а не нивна осуда.

Како што заклучува Европскиот институт за родова еднаквост: “Не се работи само за правото – се работи за животот.”

Жените не треба да бидат храбри за да преживеат. Системот мора да биде доволно силен за да ги заштити. Пред да биде предоцна.

Зачлени се на нашиот е-билтен