Македонската судијка со знакот на ФИБА, Ема Никочевиќ, повторно судеше кошаркарски натпревар. За неа започна ново поглавје, не само во кошарката и судењето, туку и во животот.
Нејзниот прв натпревар како судија после операцијата беше пријателскиот натпревар меѓу кадетските репрезентации на Македонија и на Швајцарија што се играше во СРЦ „Кале“. Тоа беа 40 минути со кои таа ги остави зад себе сите оние здравствени проблеми со кои се соочи во изминатиот период од почетокот на месец јуни. Два месеца траеше животната неизвесност.
– По двомесечна пауза, моето враќање на теренот како кошаркарски судија беше исполнето со возбуда и неизвесност. Искрено, имав многу прашања – дали ќе успеам да се снајдам, дали ќе ја издржам физичката динамика на натпреварот, дали ќе го следам критериумот што го бара играта. Сомнежот исчезна веднаш штом ја „свирнав“ првата одлука. Во тој момент, сè си дојде на свое место – вели нашата ФИБА судијка.
Во најтешките моменти, за време на операцијата, Никочевиќ беше опкружена од врвни лекари, меѓу кои и еден од најискусните хирурзи во земјава, проф. д-р Венко Филипче, кој ја водел сложената хируршка интервенција што била клучна за нејзиното закрепнување.
Ема искажа благодарност и до нејзините колеги кои беа со неа на теренот на вчерашниот натпревар – Бисера Јакова и Иван Мијалковски – како и до сите официјални лица на записничката маса за пријатната и професионална атмосфера. Но, ја истакна и континуираната поддршка од Кошаркарската федерација на Македонија.