Во брзиот и пренатрупан ритам на современиот живот, ретки се моментите кога луѓето навистина успеваат да се опуштат, да се одморат од екрани и секојдневен стрес и едноставно да уживаат во моментот. Но токму тоа го нуди концептот Фика, кој потекнува од Шведска, а последниве години добива сè поголема популарност и во Македонија – благодарение на ентузијазмот и креативниот пристап на Маја Нацевска.
„Фика“ е шведски збор кој најчесто се поврзува со пауза за кафе и колаче во друштво, но како што вели Нацевска, суштината на зборот е многу подлабока: „Фика значи да се ужива во малите нешта, да се поврзеш со луѓето, да се опуштиш и да се исклучиш од технологијата и обврските.“
„Фика не е само кафе-пауза, туку филозофија на живеење – момент на поврзување, на уживање во сегашноста, на пауза од телефони и екрани. Сакам луѓето повторно да се сетат како е да се создава нешто со раце, како кога сме биле деца и сме цртале, моделирале, лепеле – без притисок, само за уживање“, објаснува Нацевска.

Концептот кој го нуди „фика“ во Скопје е далеку од класична креативна работилница. Се одвива во различни кафулиња, каде секој може да избере една од четирите активности – работа со глина, правење букет од суви цвеќиња, изработка на визуелизациска табла (vision board) или сликање. Во цената е вклучен и пијалок, а присутна е и Маја, која не дава строго насоки, туку поттикнува инспирација.
„Сè почнува со избор на активност, продолжува со тивка креативност и разговор со друштвото, а завршува со тоа што секој си носи дома нешто создадено – нешто лично, нешто убаво. Луѓето пишуваат на картичка како се чувствувале пред и по фика. Тоа ми е особено важно – да видат колку ги менува тоа што ќе направат нешто со своите раце“, раскажува таа.
Изненадувачки, реакциите се повеќе од позитивни. Од младинки, постари жени, па и мажи – сите наоѓаат простор за креативност, опуштање и дружење надвор од стандардните „седенки“. Некои дури продолжуваат со креативните активности и дома – купуваат платна или глина и сами продолжуваат да создаваат.
„Сметам дека човекот не е создаден само да консумира – да гледа, да скрола, да троши. Треба и да создава. Не мора тоа да биде уметничко дело, но мора да има свој вентил, нешто што ќе нè направи посреќни“, вели Нацевска.
„Фика“ се одржува на секои две до три недели, на различни локации, и однапред се најавува на социјалните мрежи. Заинтересираните можат да се пријават и да одберат активност од понуденото мени.

Концептот е прифатен и како можност за тим билдинзи или casual Fridays – како начин да се надополни работната атмосфера со нешто што ќе ги поврзе колегите на поинаков начин. „Кога работиме нешто со раце, комуникацијата меѓу луѓето станува поавтентична. Се подаруваат мали гестови, се споделуваат идеи, се отвораат разговори кои инаку не би се случиле. Тоа многу значи за секој колектив“, истакнува Нацевска.
Таа вели дека единствениот предуслов е желбата да се направи пауза – од стресот, од технологијата, од обврските – и повторно да се ужива во малите нешта.
-„Фика“ мене лично ме научи дека вреди да го следиш тоа што го сакаш. Почетоците секогаш се тешки – особено кога носиш нешто ново на пазарот, нешто што на луѓето им е непознато, па нормално е да има скепса. Но токму затоа е важно да не се плашиш да бидеш различен и да веруваш во својата идеја. „Фика“ ме потсети дека секој од нас има потенцијал за креативност – не мора да биде ремек-дело, важно е да се изразиме, да споделиме дел од себе со другите. Тоа нè прави порелаксирани, посреќни, и го менува ритамот на секојдневието. А овој град има потреба од такви моменти што нè извлекуваат од брзината и притисоците. Мојата порака до сите е „никогаш не се откажувајте од тоа што го сакате“. Знам дека е лесно да се откажеш – има многу притисоци, многу стравови. Но ако истраеш, ќе дојдат и подобри денови. Затоа – бидете храбри, бидете свои, и продолжете напред.