Филипче: Авторитаризмот и олигархијата го напаѓаат трудот, синдикатите и демократијата

Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, кој денеска присуствува на Конгресот на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП) во Загреб, во своето обраќање на Конгресот предупреди на сериозните закани со кои денес се соочуваат демократијата, трудот и синдикалното организирање во Европа и регионот, а како резултат на подемот на авторитаризмот и влијанието на економската и финансиската олигархија.

„Живееме во време на големи геополитички превирања и експлозија на радикалната десница и неофашизмот. Либералниот консензус што беше доминантен во изминатите повеќе од три децении, се повлече пред агресивните политики на популистичката десница, алчноста на економската и финансиската олигархија, омразата кон суштинската демократија и нападот врз човековите права и слободи“, рече Филипче.

Во обраќањето тој нагласи дека ваквите појави се присутни и во Северна Македонија, каде што работниците и граѓанскиот сектор се под силен притисок.

„И во мојата држава се соочуваме со се поинтензивни авторитарни тенденции, растечко влијание на економската и финансиската олигархија, економски политики што се на директно на штета на работниците, притисоци врз синдикатите, дискредитирање на граѓанските организации и критичките прогресивни интелектуалци“, рече Филипче.

На Конгресот, Филипче посочи дека СДП како политичка сила нуди  одговорни и одржливи јавни политики,чија цел е социјалниот и економскиот развој, а не политичките олигархии.

„СДП е единствената кредибилна левичарска партија во Хрватска која има политики за сите сегменти битни за функционирањето и развојот на хрватското општество. Тие политики имаат јасна вредносна основа, а нивната цел е социјален и економски развој за сите граѓани, а не само за економско-финансиските и политичките олигархии“, рече Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен