Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на 29 август 2025 предложи Собранието да усвои заедничка резолуција во која ќе се дефинираат „црвените линии“ за македонските евроинтеграции. Според него, потребна е јасна позиција околу заштитата на јазикот, идентитетот и историјата, за да се избегне нова рунда блокади во процесот. Дополнително, Филипче смета дека, доколку Бугарија повторно стави вето, Македонија треба да ја прекине преговарачката нишка со Европската унија.
Со оваа изјава, тој директно го отвори прашањето за стратегијата на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која досега инсистираше дека нови уставни измени нема да бидат предмет на преговори и дека Македонија ќе настапи со „нова преговарачка рамка“ во дијалогот со Брисел.
Нова преговарачка рамка на повидок нема и сè поизвесно е дека нема да има. Но и покрај тоа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски реагираше со објава на Фејсбук. Тој го обвини Филипче за противречни позиции:
„Филипче од една страна зборува за уставни измени, од друга за откажување од преговорите ако има ново вето.“
Муцунски нагласи дека Владата има поинаков пристап:
„Нашиот пат е поинаков. Работиме на решенија што носат траен напредок – не на блокади што се повторуваат. Подобро е да покажеме трпение и мудрост, отколку да направиме потег кој утре ќе биде уште поголем товар за државата. Тоа е државнички пристап: да мислиме на денес, на утре и на задутре.“
Иако Муцунски зборува за „траен напредок“, останува нејасно дали Владата има временски хоризонт за новите решенија. Дали тоа трпение подразбира неколку месеци, или може да се протега низ целиот мандат?
Ова прашање го постави и Филипче, кој директно праша дали Владата има рок за изнаоѓање нова преговарачка рамка, или целиот мандат ќе се потроши во чекање.
Од досегашните настапи на премиерот Мицкоски и Муцунски, може да се заклучи дека Владата под „решенија“ подразбира нов дипломатски настап во ЕУ, без формални уставни измени на самиот старт, обиди за отворање на разговор со Бугарија за „ново толкување“ на протоколот, активирање на пријателски земји во Советот на ЕУ за поддршка на македонските позиции.
Сепак, конкретен план со временски рокови засега не е објавен, што остава простор за сомнеж дека стратегијата на Владата за „трпение“ е повеќе тактика на одложување отколку вистински план за напредок.
Ако пак сакаме да ја радикализираме изјавата на Муцунски можеме да заклучиме дека најдобро е ништо да не правиме зашто така секако нема да избрзаме и никако нема да направиме товар ниту на државата, а најмалку на Владата на ВМРО ДПМНЕ и сателитите од Влен и ЗНАМ.
„Најбезбедна“ варијанта според логиката на Муцунски е да се вкопаме во ров и да не излегуваме сè додека некој таму надвор не го расчисти теренот онака како што тие замислиле дека треба да биде за Македонија да се приклучи на ЕУ.
Овој судир доаѓа во момент кога евроинтеграциите се повторно под силен притисок, особено по одложеното гласање за резолуцијата за Македонија во Европскиот парламент во јуни 2025 и дебатите за формулацијата на македонскиот јазик и идентитет.
СДСМ се обидува да се позиционира како заштитник на „црвените линии“, додека ВМРО-ДПМНЕ инсистира дека токму нивната „стратегија на чекање“ носи нова сила во преговорите и отфрла можност за нови отстапки.