Филипче: Да инвестираме во образованието и во платите како најважни инвестиции

Да инвестираме во образованието и во платите

Вложувањето во образованието е најважната инвестиција која не трпи импровизации, истакна во изјава за медиумите по повод првиот школски ден и новата учебна година, претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Државата тоне во економска несигурност, додека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема никакви политики за раст на платите и подобар животен стандард.

„Жалам што има лоши економски политики, кои едноставно ниту пак имаат грижа за работниците во било кој сектор и нема најава за зголемување на платите. Луѓето кубурат, цените се огромни, владата не прави ништо да ги исконтролира, ниту во маркетите, ниту пак има некакви добри економски политики коишто во иднина ќе донесат добро. Не може државата да се движи напред, не може луѓето да дадат сè од себе во својот работен процес ако не се стимулирани, а не се. Едноставно, не можат да врзат крај со крај. Имаме сериозни забелешки во делот на грижата за наставниците, а тоа се тие се тие коишто се грижат за едукативниот процес на учениците. Ако наставниците не се стимулирани, а не се, ниту пак има некакво зголемување на платите, ниту пак има најава дека платите на наставниците ќе се зголемат, тогаш имаме сериозен проблем. А тоа е нешто што сериозно недостасува во државата.“, рече Филипче.

Тој додаде дека во периодот на владата на СДСМ беше ставен силен фокус на инвестициите во училиштата и зголемувањето на платите на наставниците.

Венко Филипче, денеска по повод 1-ви септември, почетокот на новата учебна година, заедно со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваа на настан во ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје.

На сите првачиња, ученици, наставници и родители, Филипче им посака успешна школска година исполнета со радост и знаење.

„Посакувам успешна, мирна школска година, мирни денови на сите учениците и им посакувам да се стекнат со нови знаења. На родителите и наставниците им посакувам трпение и да им дадат многу поддршка на децата“, рече Филипче.

„Училиштето ‘Киро Глигоров’ е едно од новоизградените училишта за време на мандатот на СДСМ. Изградивме и реконструиравме над 80 училишта. Направивме значајна инвестиција во платите на наставниците, никогаш дотогаш не се зголемиле во толкав процент – над 50%, нешто што сега сериозно недостасува. Градоначалникот Герасимовски во овој сегмент се покажа како добар менаџер. Неколку години по ред за сите првоодделенци има униформи, бесплатни ранци, и од следната година, како што најави, ќе има и бесплатен оброк“, рече Филипче.

Во тој контекст, Филипче најави дека и во програмата за локалните избори ќе се стави сериозен акцент на обезбедувањето квалитетна настава за сите ученици. „Програмата којашто ја подготвуваме за локалните избори се темели на тоа да се обезбеди квалитетна настава, да се обезбедат безбедни улици за децата коишто доаѓаат до училиштата и сè што може во рамки на локалната самоуправа да се направи за поддршка на родителите“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен