Филипче директно за клеветите на Жан Митрев: Одговорност ќе има и за наредбодавачите и за извршителот

Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше на бруталната црна кампања и јавниот линч што подолг период власта ја води против него, нагласувајќи дека одговорност ќе има и за оние што ја нарачуваат и за оние што ја извршуваат.

„Секој ден сум предмет на јавен линч, преку груби лаги и постојана црна кампања и манипулации. Дубаи, згради од 42 спрата, визи, Венеција, Сент Морис итн. Пред некој ден ме споредија дури и со Џим Џонс, убиец на 300 деца“, рече Филипче.


Филипче потенцираше дека последните обвинувања ја поминале секоја граница.


„Вчера, отидоа дотаму, да преку Жан Митрев, за кого како лекар не можам да кажам што мислам, ме обвинија за рекет за цела болница. Претераа. Ова веќе ги поминува сите можни граници. Што ќе смислат следно, утре ќе ме обвинат и за силување, за убиство? За што следно? Доста е веќе“, рече Филипче.


Тој нагласи дека ќе одговори институционално и правно.


„Сега ќе ги тужам. Мојот одговор преку суд ќе го добијат и наредбодавачите и извршителот“, потенцираше Филипче.


Филипче директно го повика и Жан Митрев да постапи институционално, доколку има какви било наводи.


„Го повикувам Жан Митрев нека отиде кај обвинител и нека поднесе Кривична пријава ако смее, па да одговара по Кривичен закон. Не го прават тоа затоа што знаат дека ќе одговараат, а не вака да ги тужам само за клевета. Е, затоа власта не сака реформи, не сака реформирано правосудство по европски стандарди, за токму ова да го прави“, подвлече Филипче.


Тој посочи дека ВМРО ја поминала секоја политичка и морална граница.


„ВМРО ја помина секоја граница и јас преку ова нема да поминам. Ова не е политика. Веројатно дефинитивно во Македонија на сите им се јасно што прават“, рече Филипче.


Филипче нагласи дека власта намерно бега од одговори за суштинските проблеми.

„Нема одговор на вистинските прашања. За дупката во буџетот од 2 милијарди евра, за тоа што нема пари да се зголемат платите и пензии, за мигрантите, за црниот капитал преку Алата банка, за корумпираните тендерски постапки насекаде во државата“, потенцираше Филипче.


Обраќајќи им се директно на граѓаните, Филипче порача дека оваа власт свесно ја деградира политиката.


„Оваа криминална власт доведе до тоа, да од политиката на сите да им се гади. Затоа на гласачите им е преку глава од „рече ВМРО“, „рече овој“, „рече оној“… И тоа е целта од самиот почеток“, потенцираше Филипче.


На крајот, Филипче истакна што е суштината на вистинската политика.


„На граѓаните им е потребен подобар живот, повисок стандард, повисоки плати, повисоки пензии, добра иднина, пат кон Европа, за тоа треба да зборуваме, тоа е политика“, заклучи Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен