Филипче до власта: Ова е земја на сите, за сите, не е само ваша [Видео]

Филипче до власта: Ова е земја на сите

„Сакам да и порачам на власта, ова е земја на сите, за сите. Не е само ваша. Повикувам на политичко и државничко освестување. Патриотизам е да се бориш за чист воздух, а не да палиш депонии и да не преземаш ништо за тоа. Патриотизам е да помагаш на послабите и на посиромашните, а не да мислиш само на себе и да трошиш од државните ресурси за да нема доволно за граѓаните“, порача претседателот на СДСМ д-р Венко Филипче во својата честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста.

Во честитката Филипче истакнува дека „патриотизам е да си го средиме сопствениот двор, сопствениот дом, да се грижиме за заедничкото оти заедничкото е и ваше и наше и твое и мое“.

„СДСМ во изминатите 34 години удри печат на сите клучни државни одлуки заради кои  денес имаме држава. Ги преброди и ги носеше на грб сите големи кризи со кои се соочивме во овие три децении. СДСМ и грешеше, но никогаш не го напушти правилниот пат“, посочува претседателот на СДСМ.

Членството во НАТО, заедно со најсилните демократии во светот, укажува Филипче, не ни беше подарено. Сè е изборено, со многу мака и отпор, вели тој.

„Но сега е време да направиме уште еден чекор. Време е да обезбедиме иднина што нема да зависи од тоа кој е на власт, туку каква држава сме изградиле. Нашата следна цел е членството во Европската Унија. Тоа го бараат сите граѓани затоа што се свесни дека ако сакаме стабилност, владеење на право, заштита за работниците, подобри стандарди и економија што не зависи од политика, ова е единствениот пат“, нагласува Филипче.

Денес сме на чекор од Европа, вели Венко Филипче, и тој чекор мора да го направиме сами, но заедно и обединето.

„Јас верувам дека сите на крајот го сакаме истото, сигурна иднина на оваа држава и на нашите деца. Оваа борба не е ни лесна, ни брза. Но е вредна. И ако 1991 се изборивме за независност, сега треба да се избориме за иднина. Честит нека ни е Денот на независноста. Да ни е силна државата. Да ни е чесна борбата“, порача претседателот на СДСМ д-р Венко Филипче во својата честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста.

Зачлени се на нашиот е-билтен