Филипче: Нема ниту една категорија на граѓани која е задоволна од владата на Мицкоски (ВИДЕО)

Филипче вели дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги остави граѓаните сами, не ги покачија платите, ниту го заштититија животниот стандард

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во денешната изјава во крушевското село Јакреново, во одговор на новинарско прашање, нагласи дека најважниот политички сигнал од локалните избори е јасен, граѓаните се свесни дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не испорачува.

„Граѓаните се свесни, дека оваа влада не испорачува, дека има многу лажни ветувања, дека не можат да се справат со проблемите, дека не излегуваат во пресрет на барањата на граѓаните, дека нема ниту една категорија на граѓани, која што е реално задоволна, ниту пак чувствува некакви позитивни политики од оваа влада“, нагласи Филипче.

Тој додаде дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги остави граѓаните сами, ниту платите ги покачија, ниту преземаа мерки за заштита на животниот стандард.

„Работниците немаат зголемување на платите, пензионерите ги излажаа, не им ги дадоа парите кои што им следуваат за зголемување на пензиите, наставниците, лекарите исто“, изјави Филипче.

При тоа, Филипче потсети дека СДСМ во своите први две години власт ги зголеми платите на здравствените работници двојно, а тоа, како што нагласи, покажува која партија навистина работи во интерес на граѓаните.

„Ние за само први две години од владата на СДСМ, практично од примањето на лекарите и специјалистите, ги дуплиравме платите. Сега нема никакво зголемување, нема никаква политика за младите, дебакл во земјоделието, намалување на субвенциите. Така што тоа е вистинското прашање на кое што треба да се одговори и кое што треба да се анализира“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Дека граѓаните се разочарани од политиките на власта, како што кажа Филипче, се и гласовите од првиот круг на локалните избори, кои покажуваат пад на поддршката на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата изгубија 140.000 гласови, кога се споредуваме со лани. На ланските избори, СДСМ и тогашната Коалиција, имаа 152.000 гласови. Сега, за кандидати за градоначалници, имаа близу 158.000-159.000 гласови. Повеќе гласови, а на значајно помала излезност кога ги споредуваме изборите годинава и ланската година. Понатаму на листите, имаме пад од некои 20.000 гласови, меѓутоа, не се калкулирани гласовите од коалиционите партнери од кои годинава не се со нас. Кога имаме кумулативен збир на тие гласови, некаде, на помала излезност, имаме ист број на гласови како ланските избори. А ако го гледате ВМРО-ДПМНЕ, со дополнителни нови коалициони партнери, други партии кои што лани беа со нас, ова година, ја напуштија нашата Коалиција, тие имаат 140.000 гласови, помалку од лани. И тоа е нешто што е сериозен знак. “, рече Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен