Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати јавно обраќање до главната европска обвинителка Лаура Ковеши, повикувајќи ја да ја посети Македонија и да се запознае одблизу со, како што рече, сомнежите за малверзации со европски средства извршени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и во рамките на ИПАРД-програмата за која е загрозен износ од 130 милиони евра.

„Ја повикуваме европската обвинителка Лаура Ковеши да дојде во Македонија и лично да ги види злоупотребите кои ги прави ВМРО-ДПМНЕ со европските фондови. Јасно е дека има сериозни ризици за ИПАРД-програмата, каде што се загрозени 130 милиони евра. Институциите под притисок на власта не можат да гарантираат независност и заштита на јавниот интерес“, изјави Филипче.
Тој оцени дека власта, наместо да понесе одговорност по апсењето на директор од Агенцијата за финансиска поддршка член на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја дефокусира јавноста со, како што рече, „спинови и обвинувања кон опозицијата“.

„Фактите се недвосмислени: се случи најголемата проневера на европски пари во Македонија, поврзана со ИПАРД-фондовите, и во тоа се вмешани лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ и до премиерот Христијан Мицкоски“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче нагласи дека ангажирањето на европската обвинителка би значело целосно расчистување на случајот и спречување на повторување на ваквите практики.
„Ова не смее да стане темна зона на ВМРО-ДПМНЕ каде што ќе се игра со судбината на државата, европската перспектива и фондовите наменети за подобар живот на граѓаните“, подвлече тој.

