Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, по повод 8 Септември, Денот на независноста, порача дека државата не е сопственост на партии или власта, туку на граѓаните. „Државата е нашиот дом. За нашиот дом мора да се бориме сите“, истакна Филипче во видео-обраќањето.
Тој потсети дека пред 34 години граѓаните со храброст донеле една од најважните одлуки во историјата на Македонија – независноста на државата, која не била подарок, туку резултат на визија, мудрост и истрајност.
„Македонија е за оние кои секојдневно се борат, кои се грижат за своите блиски, работат и плаќаат даноци. Таа е и за оние што останаа овде, и за оние што заминаа, но не заборавија“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ предупреди дека денес државата се соочува со закани како корупција, неправда, дискриминација и сиромаштија, додека власта ја претвора државата во сопственост на малкумина. „Ова е земја за сите, не само за вас“, порача Филипче.
Тој нагласи дека патриотизмот денес значи обезбедување фер судство, еднакви шанси, поддршка за послабите, чист воздух и отчетност во трошењето на јавните средства. „Патриотизам е да се грижиме за заедничкото – тоа е и ваше и наше, твое и мое“, додаде Филипче.
Филипче потсети дека социјалдемократската идеја останала двигател на најважните историски моменти: зачувување на државата во 1991 и 2001, изградба на институциите, зголемување на минималната плата, зајакнување на социјалниот систем и членството во НАТО.
Во заклучокот, Филипче повика на нова обединета борба за иднината на државата: „Ако 1991 се изборивме за независност, сега треба да се избориме за иднина. Денес сме на чекор од Европа, тој чекор мора да го направиме сами, но заедно и обединето.“