Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше по повод нападот врз градоначалничката на Град Скопје и службеници на Градот, критикувајќи го молкот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
„Шест часа од бруталниот напад, а од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште нема ни збор за осуда. Молкот понекогаш зборува погласно од зборовите“, истакна Филипче во објава на „Фејсбук“.
Тој потенцира дека станува збор не само за физички напад, туку и за обид да се замолчи секој што ќе се осмели да се спротивстави на криминалот:
„Пораката што власта ја испраќа е дека секој кој ќе се обиде да го обелодени нивниот криминал ќе се соочи со опасност по личната безбедност. Ова е страшно и недозволиво.“
Филипче предупреди и на драстично влошената безбедносна состојба во државата во изминатата година, при што, како што рече, безбедноста на граѓаните и институционалната заштита речиси и да не постојат.
„Барам итно да се осудат насилниците и да се поведе постапка против службениците на МВР кои не постапиле и не ги заштитиле претставниците на Градот“, заклучи Филипче.