Филипче: Не за платформи за делби, СДСМ повикува на заедничка надпартиска, наднационална и надетничка стратегија

На прес конференцијата по повод шест месеци од власта на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Венко Филипче се осврна и на понудите за повеќе национални платформи, декларации, некави повици за обединување.

„Жално е кога се гледа како партиите од власта терминот обединување го користат всушност за политички поделби“, оцени Филипче.

Тој истакна дека СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција и рече дека од неговата партија доаѓа реална понуда, а не таква лажна за поделби.

„Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обедување. Да се обединиме во платформа која гарантира напредок, базирана на реални можности, конркретни планови и заеднички интерес. Ова го бараат граѓаните од нас политичарите. Се друго е дневна политика и манипулација“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи дека на сите парламентарни партии им нуди формирање на тимови кои ќе работат на ваквата платформа за заеднички да ги дефинираат стратешките позиции во сите области.

„Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада ниту сега ниту во иднина нема да ги кочи и опструира. Само така ќе може да обезбедиме долгорочен развој. Само ако така сакаат да работат и ако се искрени во намерите ова ќе го прифатат. Ова е реален патриотизам“, рече Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен