Резолуцијата на СДСМ се издвојува по пивкот за единство и конструктивност, одговори претседателот на СДСМ Венко Филипче на прашањето по што се разликува предлог резолуцијата на СДСМ за заедничките државни и национални позиции за продолжување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, од претходните вакви документи.
Во презентацијата на предлог резолуцијата за македонските црвени линии, тој рече дека документот ќе им биде доставен на политичките партии во Парламентот за да се изјаснат за него и ги покани за нивно учество во неговата финална верзија која треба да ја одобрат сите застапени во народното Собрание, а очекува и поддршка од стручната јавност и граѓаните.
„Само така ќе обезбедиме единство кое е толку потребно во овој момент и за ова прашање“, истакна Филипче.
Во претставувањето на предлог резолуцијата, уште на почетокот тој ги издвои двете точки од кои произлегуваа црвените линии зад кои очекува обединување и согласност за да се придвижи од мртвата точка процесот за евроинтеграција на нашата земја.
Првото прашање што е суштината на црвените линии, е дека „за јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, не се преговара со Европската Унија“.
Владата на Република Северна Македонија, и сите државни институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година.
Втората точка од предлог резулицијата се однесува на уставните измени, кои треба да бидат последната пречка и дека нема да има нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер.
Република Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени, со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер. Сите билатерални прашања со Бугарија ќе се решаваат во билатерални разговори и инструменти воспоставени меѓу двете држави, на еднаква основа, без да се создаваат нови блокади на преговарачкиот процес.
За прашања или барања кои се надвор од Преговарачката рамка и не припаѓаат на Копенхашките критериуми за членство, предлог-резолуцијата на СДСМ предвудува механизам за конкретна реакција на првенците на државниот врв на Северна Македонија со која до институциите на ЕУ ќе се испрати цврст став дека станува збор за затворени прашања за кои не се преговара.
Претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата со заедничко писмо имаат обврска да ги информираат претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европскиот парламент, еврокомесарот за проширување на ЕУ и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, дека е потребно безусловно почитување на јазичните и идентитетски, историски и културни особености, како елементи кои се затворени и за кои не се преговара со Европската Унија.
Предлог резолуцијата на СДСМ има и конкретна и прецизна временска рамка за нејзино разгледување, за амандмани и за нивно усвојување во Собранието. Временската рамка предвидува Собранието да ја заврши постапката за измена на Уставот со финално гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година.
Истиот ден на финалното гласање и усвојување на Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска за одблокирање на преговарачкиот процес и да ги достави потребните документи (Патокази) кои ги има подготвено како инструменти вообичаени за преговорите.
Во истото писмо, Владата ќе ја повика Европската комисија, согласно Заклучоците на Советот на ЕУ донесени на 18 јули 2022 година, да организира Меѓувладина конференција помеѓу државите членки на ЕУ и Северна Македонија на која ќе се донесат сите потребни одлуки за одблокирање на преговорите за членство и ќе биде отворен првиот кластер – Темелни вредности не подоцна од 15 февруари 2026 година.
На прашањето на новинарите дали има координација меѓу објавувањето на оваа предлог резолуција, изјавата на премиерот Мицкоски дека ќе има придвижување во евроинтегратиниот процес на Македонија на почетокот на идната година и со изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос дека за ова прашање се разговара со Бугарија, претседателот на СДСМ рече дека нема таква координација, но дека тоа зборува дека има загрижени страни кои работат на тоа да се откочат релациите со Бугарија околу ова прашање и да се постигне напредок.