Филипче: СДСМ ги претстави првите 19 кандидати за градоначалници – проверени и угледни личности

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата за давање согласност за кандидатури за градоначалници на претстојните локални избори. Одлуката се однесува на првите 19 општини за кои се утврдени кандидати.

Во продолжение интегралното обраќање на претседателот Филипче:

„Дозволете да информирам за донесената одлука на Извршниот одбор – да се даде согласност за кандидатури за градоначалници на неколку општини. Во овие општини внатрепартиските постапки се завршени, роковите за кандидирање се испочитувани, и оваа согласност понатаму ќе биде доставена до Централниот одбор на партијата, кога ќе бидат заокружени сите општини. Сега станува збор за првите 19 општини.

Дозволете да ги прочитам имињата на кандидатите:

– За Општина Центар, актуелниот градоначалник Горан Герасимовски
– За Општина Аеродром, д-р Александар Трајановски
– За Општина Ѓорче Петров, претседателот на општинската организација Костадин Ацески
– За Општина Чучер Сандево, актуелниот градоначалник Сашо Комненовиќ
– За Општина Берово, претседателот на општинската организација Илија Рунтевски
– За Општина Крива Паланка, актуелниот градоначалник Сашо Митовски
– За Општина Лозово, Ацо Велковски
– За Општина Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев
– За Општина Богданци, Блаже Шопов
– За Општина Дојран, Ристо Џинев
– За Општина Могила, Зоран Ристевски
– За Општина Неготино, Петар Мантев
– За Општина Новаци, Љубе Кузманоски
– За Општина Росоман, актуелниот градоначалник Стојанче Николов
– За Општина Вевчани, претседателот на општинската организација Стефан Радиноски
– За Крушево, актуелниот градоначалник Томе Христовски
– За Ресен, претседателот на општинската организација Александар Бузлевски
– За Штип, претседателот на општинската организација Павел Иванов
– И за Општина Гази Баба, претседателот на општинската организација Влатко Митовски

Овие кандидати се предложени врз основа на критериумите што ги поставивме уште на почетокот – луѓе со кредибилитет, со јасна визија и легитимитет пред своите заедници. Тие се избрани со широк консензус во рамки на општинските организации. Некои се кандидираат за првпат, некои ја бараат довербата повторно од граѓаните.

Особено ги истакнувам актуелните градоначалници кои покажаа резултати и вистинска промена – во Центар, Крушево и Крива Паланка. Станува збор за општини кои се препознатливо трансформирани во текот на нивниот мандат. Уверен сум дека сите овие кандидати со чист образ можат да застанат пред граѓаните и да кажат: „Она што ќе го ветиме – ќе го исполниме“, согласно вредносните принципи и програмските заложби на СДСМ“, изјави претседателот Венко Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен