Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за порталот „Независен“, изјави дека верувал дека ВМРО-ДПМНЕ има подготвен план за евроинтеграциите, но тоа не се остварило.
Филипче коментираше дека мнозинството граѓани ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ, но Владата на ВМРО-ДПМНЕ не презема конкретни чекори за да го исполни ветеното.
„Ветуваа дека со мудра дипломатија ќе постигнат подобри услови и дополнителни гаранции за преговорите. Наместо тоа, гледаме само изјави без потврда од официјалните претставници на ЕУ“, рече Филипче.
Тој истакна дека е разочаран од недостатокот на стратегија што доведе до раздвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.
„Голема е штетата што Албанија напредуваше, а ние заостанавме. Верував дека ВМРО-ДПМНЕ има план за да го спречи тоа, но се покажа дека грешев“, додаде лидерот на СДСМ.
Во однос на уставните измени, Филипче потенцира дека опозицијата бара транспарентност и подготвеност за соработка.
„Секако дека би разговарал за уставните измени. Сметаме дека секој план кој е реален и остварлив треба да добие поддршка. За жал, Владата сè уште нема јасен предлог за ова важно прашање“, рече Филипче.
Потсетуваме, уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата се услов за продолжување на преговорите со ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ засега инсистира на измени со одложено дејство, кои би стапиле во сила по ратификацијата на пристапувањето од земјите членки на Унијата.
На оваа тема, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува конкретни гаранции од Брисел. „Ова е двосмерна улица. Подготвени сме да дејствуваме, но очекуваме јасен и конкретен план од страна на ЕУ“, рече Мицкоски на крајот од минатата година.