Филипче: Во време на војни, членството во НАТО ја штити Македонија

Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава во Собранието, се осврна на значењето на членството на Македонија во НАТО, во време на војни и глобалната безбедносна криза, за безбедноста на граѓаните и границите.

„Членството во НАТО е резултат на стратешките, визионерските, државничките политики на Социјалдемократскиот сојуз изминатите повеќе децении. Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно ние може да се чувствуваме безбедни, нашите граници се гарантирани, поради тоа што благодарение на тие политики сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот. Колку е тоа важно, гледаме сега, посебно во овие кризни времиња, кога во повеќе места во светот има војни. Оваа што веќе четири години трае на територијата на Украина како резултат од агресијата на Русија, и овие сега жаришта коишто се јавуваат на повеќе места во светот, членството во НАТО би рекол е една трајна придобивка за нашата земја, рече претседателот Филипче.

Филипче нагласи дека пораката до Владата е директна и дека актуелната власт повеќе не може да ги прикрива своите политики.

„Пораката кон Владата е јасна. Позициите се веќе познати и оваа Влада повеќе ништо не може да сокрие. Имаме вицепремиер кој отворено негува врски со Русија, вицепремиерот Стоиљковиќ. Вториот човек во Владата се среќава со „Ноќните волци“, кои се во директна комуникација со рускиот претседател Владимир Путин. Тука се и кинеските пари што пристигнаа преку заемот од Унгарија од една милијарда евра, средства за кои во извештаите на европските институции беше констатирано дека станува збор за кинеско финансирање“, рече Филипче.

Тој додаде дека НАТО сериозно ги следи политиките што ги води владата.

„Сметам дека ова е сериозен сигнал дека нашиот одбранбен чадор внимателно ги следи политиките што ги води актуелната Влада и јасно и отворено укажува на нив“, посочи Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен