Филков го „унапреди“ Груевски од бегалец во политички азилант и си најде алиби да не го обновува барањето за екстрадиција

Груевски
Фото од Фејсбук страницата на Никола Груевски

Игор Филков, министерот за правда, го „унапреди“ Груевски од бегалец во политички азилант и си најде алиби да не го обновува барањето за екстрадиција, а пратеничкото прашање на Миле Талески од СДСМ, за тоа дали е поднесено ново, обновено барање за екстрадиција за него е шарлатанство и циркус.

„Mора да претстанете да ja замајувате македонската јавност со ваков шарлатански пристaп, затоа што не знам што уште треба да направите за народот да ви ја прати пораката и на следните избори. Значи да земете да се уозбилите затоа што не е добро, ниту за вас како опозиција, ниту за државата да се занимавате со циркус, а не со реална работа“, рече Филков од собраниската говорница наместо директни да одговори на прашањето.

Тој дополни дека министерството „си ги бара сите бегалци“, но Груевски го стави во групата политички азиланти.

„Вие говорите за политички азиланти, ако доволно ве пратев. Што значи дека секој пат, кога ќе бидат создадени услови, повторно и повторно министерството, за правда, ќе си ги бара своите граѓани“, се дообјасни министерот за правда.

Министерот за правда Игор Филков со овој одговор само потврди дека нема обновено барање за екстрадиција на Груевски, кое според меѓународните стандарди се обновува секоја година.

Впрочем, тој го повтори она што го кажа за интервју за неделникот Фокус од 23 август 2025 година, дека „барање за екстрадиција нема поднесено затоа што би било беспредметно“.

„Барање за екстрадиција немаме поднесено затоа што би било беспредметно. Ќе повторам, Република Унгарија му даде азил на Никола Груевски и согласно нивниот закон лицето не може да биде предадено на државата од која избегал. Сѐ додека некое лице ужива азил, екстрадицијата ја одбиваат“, рече Филков.

Она што упорно го избегнува министерот Филков е поентата дека важно е како нашата држава го третира Груевски, а не како Унгарија го третира. За нашата земја Никола Груевски е бегалец од правдата и тоа не е променето.

Инаку, пратеникот Миле Талески, како што рече од говорницата прашањети го поставил зашто во јавноста, но и во политичките кругови, како што вели тој, интензивно се зборува за нешто што сериозно ја загрижува македонската јавност: дека одредени структури во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ активно подготвуваат терен за враќање на Никола Груевски во Македонија и негова амнестија.

„Како пратеник до мене стигнаа информации од свиркачи блиски до актуелната влада, кои алармираат дека постои план, сценарио за создавање клима во која бегалецот од правдата би се вратил во земјата“, укажа Талески.

Оттаму, рече Талески, овие информации не треба да се игнорираат.

„Моја должност пред граѓаните е јавно, на највисокиот демократски дом, пред целата јавност да ви дадам шанса да се произнесете и да одговорите директно и точно: Дали Министерството за правда има поднесено ново, обновено барање за екстрадиција на поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски?“, нагласи пратеникот Миле Талески.

Зачлени се на нашиот е-билтен